Учебниците да бидат во духот на најновите дострели во науката

Архивска фотографија - Ученици на првиот училиште час на 1 септември.

Во учебниците не треба да се пласираат ставови кои се одамна надминати, не треба да се гледа вмешаност на политиката, а преводите треба да бидат стручни и разбирливи, коментираат професори по најавата за ревизија на учебниците.

Решавањето на проблемите во учебникарството треба да почне од целосна ревизијата на учебниците, велат дел од професорите откако министерката за образование Рената Десковска најави дека подготвува терен за промени во образовниот систем.

Универзитетската професорка Слободанка Марковска истакна дека најнапред треба да се води сметка наставните содржини во учебниците да бидат усогласени со наставните програми, според кои предаваат наставниците. Според неа, од суштинско значење е како се создаваат учебниците. Професор Марковска нагласува дека рецензентите на учебниците треба да гарантираат содржините да бидат и во духот на најновите дострели во дадената област и во природните науки, а особено кога станува збор за општествените науки.

„Не може во учебниците да се пласираат ставови кои се одамна надминати, како што е прашањето за ЛГБТ заедницата, зашто човековите права го гарантираат нивниот избор и науката отишла напред, вели професор Марковска, додавајќи:

„Факт е дека до ден денес постојат различни одговори на ова прашање и контроверзи, но доколку наставник или автор на учебник сака да ги осуди должен е да ги каже и најновите дострели и сфаќањата, осoбено во тие учебници за граѓанско образование треба да им ја дадете на децата азбуката за човековитете права",

Инаку, изминатите години во дел од заклучоците на невладините организации по анализата на содржините на учебниците по граѓанско образование беше наведено дека во дел од учебниците за основно образование се промовира некритички однос кон авторитети, институциите, а граѓаните кои се болни или сиромашни се сметаат за нелојални, како и дека неточно се преставува политичкиот систем.

Според професор Али Пајазити од Универзитетот на Југоисточна Европа, во учебникот за осмо одделение по граѓанско образование дискриминирачка е дефиницијата за жените.

„Реформите треба да почнат од духот во кој се напишани учебниците во кои се гледа вмешаност на политиката. На пример во учебникот за осмо одделени по граѓанско образовани се гледа дека таму има еден мачоистички пристап. Се вели дека само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства. Ова е вид дискриминација врз основа на здравствената состојба“, вели Пајазити.

Коментирајќи ги реакциите на дел од јавноста, во врска со преводите на книгите од странски универзитети, професор Пајазити вели дека особено се проблематични преводите на албански и на турски јазик.

„Во преводите се има случено човек од егзактните науки, стоматолог или лекар да преведе книга по право, а особено книгите на албански се апсолутно неупотребливи. Не кореспондираат со современиот јазик и се нечитливи за професорите, а комоли за учениците“, вели Пајазити.

Деновиве министерката Десковска најави дека ревизијата на сите учебници ќе биде дел од процес за кој ќе се дебатира на експертско ниво.

„Со оглед на тоа што јавноста честопати беше соочена со примери на учебници во кои имаме погрешни констатации, каде што има говор на омраза, каде што има дискриминаторски ставови, предрасуди сите учебници ќе бидат отворени во процес на ревизија во целокупното образование со цел да се отстранат грешките од учебниците од кои учениците учат“, рече министерката Десковска.

Таа укажа дека во Министерството има добиено претставка од народниот правобранител за учебник кој е за граѓанско образование, односно учебник по општество кој содржи дискриминаторски дел.