АСТЕРФЕСТ 2017 – по трагата на фактот и фикцијата

Под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“, од 26 до 30 јуни, на неколку локации во Струмица ќе се одржи 13-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Ќе бидат прикажани најновите филмски остварувања на полето на краткиот и документарниот филм од повеќе земји од светот, а годинашни лауреати на манифестацијата се Џеки Шепард од Велика Британија, добитничка на наградата Астер за високи достигнувања во филмската продукција и актерот, режисер и сценарист Коле Ангеловски, во чии раце оди Специјалното признание на Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност.

На Струмица и на сите македонски вљубеници во седмата уметност, посебно на краткиот, документарниот и анимираниот филм, по 13-ти пат ќе им се случи „Астерфест“. Ќе им се случи Интернационалниот филмски фестивал кој во годиниве наназад со силно промислената идеја за сопствената програмска засебност стана едно од неодминливите културни сврталишта не само во земјава, туку и пошироко, во регионот, та и во светот.

Ова подразбира дека и овој пат публиката ќе има можност да проследи програма која е составена од најнови филмски остварувања на полето на краткиот, документарниот и анимираниот филм од повеќе земји. Згора на тоа и во оваа пригода се очекува во Струмица да бидат присутни повеќемина филмски автори кои ќе ги претстават своите дела кои ќе се натпреваруваат за Златната, Сребрената и Бронзената потковица.

Меѓу нив, како што ќе забележи програмскиот селектор, филмологот Атанас Чупоски, се остварувања како унгарскиот „Пеј“ на Кристоф Деак, добитник на Оскар за најдобар документарен филм, „Виолината на Џо“ од Кахане Куперман и анимираниот „Позајмено време“ на Ендрју Коутс и Лу Хаму – Лџан, обата во конкуренција за толку пожелуваната Статуетка. Тука се, како што вели тој, и други исклучително впечатливи филмови главно од Европа, но и од другите земји – посебно од обете Америки.

Од друга страна, не помалку значајна е и домашната понуда, која патем доста речовито говори за актуелниот миг од овој дел на современата македонска кинематографија, па така треба да се спомене дека во конкуренција за награди од неколкуте пристигнати на конкурсот ќе бидат прикажани „Жената во виолетово“ на Александра Кардалевска во селекцијата за кратка играна програма, документарецот „Лица“ на младиот Ханис Багашов и анимираниот „Акт“ на Александар Станковски.

„Наша цел, цел на Фестивалот, е поддршка на младите и квалитетните автори од Македонија, се разбира преку нивните квалитетни филмови. Од таму не е можно да се пуштат сите македонски филмови кои конкурираат на „Астерфест“ и се надевам дека авторите ќе имаат разбирање за политиката на манифестацијата, меѓутоа сите оние што вредат и што, според нашите критериуми, заслужуваат да бидат претставени ќе бидат и во иднина дел од фестивалската програма“, истакнува Чупоски.

Инаку, по минатогодишното „Мали приказни – голем ум“, годинава „Астерфест“ ќе се одвива под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“ за што селекторот со појаснување.

„Овој пат се решивме акцентот да биде ставен, да кажеме, на фактографскиот филм. Тоа пред сè се однесува на документарната програма, меѓутоа и на играната селекција на некој начин бидејќи се работи за филмови во кои се комбинира, нели, онаа класична поставка меѓу фактот и фикцијата“, вели тој.

Инаку, специјални лауреати на годинашниот „Астерфест“ се продуцентката Џеки Шепард (1962, Велика Британија), добитничка на Наградата Астер за високи достигнувања во филмската продукција и актерот, режисер и сценарист Коле Ангеловски (1943, Македонија), добитник на Специјалното признание на Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност.

Шепард има значително искуство во работењето во странство, најчесто со нови таленти, на кратки и долгометражни филмови. Заедно со својот партнер-продуцент Марк Блени, во „Футпринт филмс“, го продуцирала долгометражниот „Африка јунајтед“, сниман во Јужна Африка, Бурунди и Руанда. Продуцентка е и на повеќекратно наградуваниот краток филм „Јас сум Сами“, сниман во Курдистан, каде што работела со Кае Бахар. Како дел од посветеноста на нови таленти, „Футпринт“ соработува со The Pitch – филмски натпревар кој им дава можност на новите автори да создадат финансиран краток филм. Заедно со режисерот од оваа манифестација, Лук Волтон, Џеки ги продуцирала сите победнички кратки филмови досега, од кои голем дел се прикажуваат на фестивали низ целиот свет. Освен на продукција на филмови, таа е активна и на полето на продукција на настани како разни фестивали, концерти и слично. Била супервизор за продукција на многу такви глобални случувања, а за своите 20-тина кратки филмови, каде се јавува во улога на продуцент, добила голем број меѓународни награди, меѓу кои и неодамнешната Награда за најдобар краток филм во Велика Британија, на фестивалот во Оксфорд, за филмот „Само дете“ на Енди Туви.

Коле Ангеловски е жива легенда на македонското глумиште. Како актер дебитира уште како студент во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ, по што следуваат импресивните креации во „Да се дојде и да се остане“ на Бранко Бауер и „Тврдина на силеџии“ на Јоже Погачник. Играл и во филмовите „Светски човек“, „Крос контри“, „Собирен центар“, „До победата и по неа“, „Мементо“, „Жед“, „Црвениот коњ“, „Нели ти реков“ и во многу други. Ги режирал филмовите „Татко (Колнати сме, Ирина)“, „Викенд на мртовци“, „Време за плачење“, „Ах, љубов моја“, ТВ-сериите „Солунски патрдии“, „Училиште за кловнови“, „Лото, лото“, а останува запаметен по улогата на Диди во драмската серија „Да видам, да видам што да бидам“ заедно со брат му Владимир-Дади Ангеловски. Во повеќето свои филмови се јавува како сценарист. Одиграл над 40 филмски и над 20 театарски улоги, режирал над 80 претстави, произвел над 500 часа ТВ-програма, превел над 30 драми на македонски. До своето пензионирање бил вработен во Драмскиот театар во Скопје. На фестивалот во Пула ги добил Наградата за најдобар млад актер и Наградата „Кокан Ракоњац“ за најпоетичен филм, а добитник е и на многу други награди, меѓу кои и Наградата „Златна рипка“ на Фестивалот на филмската комедија во Голубац и Наградата „11 Октомври“ за животно дело.

На двајцата лауреати престижните признанија ќе им бидат врачени на отворањето на „Астерфест“, на 26 јуни, во НУЦК „Антон Панов“. Во текот на фестивалските денови во нивна чест ќе бидат прикажани краткиот филм „Јас сум Сами“ во продукција на Џеки Шепард и „Татко (Колнати сме, Ирина)“ во режија на Коле Ангеловски.