Фабриката е целосно во сопственост на државата, единствена во Македонија за наменско производство за потребите на одбраната и безбедноста, според тоа тие веруваат дека има крај за нивите маки.
Штрајкот што го започнаа од почеток на неделава нема да го прекинат, се додека не им се исплатат три плати до крајот на овој месец и придонеси за здравствено осигурување за мај.
„Еден апел до Владата да го разгледа ова наше болно прашање, затоа што останавме единствен загубар со нерешен статус. Апел до министерствата за одбрана и внатрешни работи, наместо да порачуваат опрема од странство за војската и полицијата, да порачуваат од нашата фирма, за да помогнат на 280 семејства. Менаџерскиот тим е запознаен со овие наши барања“, вели првиот синдикалец Влатко Чурлиноски.
Слободан Крстески кој има 36 години стаж во Еурокомпозит, вели дека штрајкот е единствен инструмент за да добијат плата.
„И не се најде решение за статусот на вработените, еден на друг ги префрлаат обврските, затоа ние бараме Владата да го преземе случајот и да ни го реши статусот“, вели Крстески.
Трајко Илиоски е член на синдикалната организација. На средбата со Управниот одбор на фирмата, како што вели, им било кажано дека до крајот на овој месец, ќе им се исплати само една плата.
„Нека знае јавноста дека ние во март и април работевме нон-стоп, се работеше турбо. Има луѓе коишто од 60 дена во тие два месеца имаа 55 работни дена. Во мај пари не зедовме, еве помина и овој месец половина, немаме пари земено, освен некои таму, 2000 денари“, вели Илиоски.
Вработените се целосно разочарани од трите раководства коишто досега биле именувани во овој државен загубар.
„Вториот директор го пратија за пет-шест месеци и тој ги наполни џебовите, го снема и него. Третиот директор истата песна.“
„Ако сака некој да стопанисува со оваа фирма, да не е како досегашните преваранти и профитери, оти од такви профитери ние дојдовме до оваа голгота. И синдикалното работење досега беше под нивна директива“, се жалат вработените.