Добај, Попивода и Сарџоска со арт перформанс во Даут пашин амам

Во Националната галерија на Македонија – Даут пашин амам, в недела, на 18 јуни, во 20 часот, во рамките на Фестивалот за современа музика „Модоарс 2017“, концерт ќе одржи црногорската сопранистка Милица Добај. Зад пијаното ќе се најде нашата Ема Попивода, а специјална гостинка на овој редок уметнички перформанс ќе биде поетесата, писателка и преведувачка Наташа Сарџоска.

Од шаренилото на културни настани најавени за деновите на претстојниот викенд, еден се издвојува со идејата да донесе нешто поразлично. Да понуди перформанс сочинет од одбрана музика и од несекојдневна творечка поетика. Да обедини три жени, три уметници и нивната потреба за споделување на убавото. Доживеаното. Врвното.

Токму како таков може да се смета претстојниот концерт на сопранистката Милица Добај од Црна Гора, каде пијано-придружба ќе биде нашата Ема Попивода. Ќе бидат изведени композиции од класиците Дебиси, Рахмањинов, Верди, Лехар... Во духот на Фестивалот за современа музика „Модоарс 2017“, во чии рамки ќе се обистини овој настан, е планирано и посегање по теми од Хатце, но тука се и аријата од Шонберг од филмот „Les Мiserables“ и оние од првата црногорска опера „Балканската царица“.

Специјална гостинка на вечерта ќе биде поетесата, писателка и преведувачка Наташа Сарџоска, која на неколку јазици ќе чита извадоци од своите книги „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“ и „Жива вода“.

Родена 1989 година во Бар, Милица Раичевиќ Добај, средното образование го завршува во музичките школи „Вида Матијан“ во Котор и „Васа Павиќ“ во Подгорица, кога и се здобива со бројни награди на натпревари за млади соло пејачи. Во 2008 година се запишува на Музичката академија во Сплит во класата на професор Нели Мануиленко од Украина, а звањето магистар по оперска концертна изведба го стекнува пет години подоцна - во 2013-та.

Од големиот број на концерти во Хрватска и во родната Црна Гора, од посебно значење е нејзиниот деби оперски настап во Хрватско народно казалиште во Сплит, во операта „Адел и Мара“. Солистички улоги имала и во оперите „Лилјак“ и „Диоклецијан“, а соработувала со диригенти како Лорис Волтолини, Нада Матошевиќ Тончи Билиќ, Иво Липановиц, Блаженко Јурачич и Доменико Бришки.

Во јуни 2014 годин Добај го одржала и својот прв солистички концерт во Подгорица. Настапила со рецитал во предворјето на палатата на Крал Никола со Алексеј Молчанов како корепетирот. Потем следуваат и нејзините успешни настапи во Бечичи, Будва и во Бар. Во октомври 2016 година, одржува солистички концерт на необично место – во халата на поранешната фабрика „Титекс“. Не него изведувала соло арии со придружба на камерен оркестар со идеја низ уметност да го оживее овој руиниран амбиент од социјализмот.

Ема Потевска – Попивода, пак, е пијанистка со богата интернационална кариера. Докторските студии по пијано ги завршува на ФМУ во Скопје, а своето образование го надградува на академијата „Моцартеум“ во Австрија и на „Дартингтон“ во Англија. Како солист настапувала во Токио, Њујорк, Рим, Лондон, Гдањск, Братислава, Солун, Цетиње и во Софија.

Бележити се и нејзините изведби со канадскиот оркестар West Coast Symphony под диригентство на Бујар Липај, а од бројните награди се издвојува првата за камерно дуо пијано во Барлета, Италија. Честопати е дел и од иновативни и експериментални музички проекти, од кои посебно се издвојува настапот со ди-џеј Дерик Меј и Филхаромонијата на Кан.

Таа повеќе од 10 години успешно раководи со Фестивалот за современа музика „Модоарс“, членка е на светската мрежа на млади лидери „Global bridges“, а работи како професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

И, конечно Наташа Сарџоска е поетеса, писателка, преведувачка и толкувачка на италијански, француски, англиски, португалски, каталонски и шпански јазик. Магистрирала медиуми и комуникации во 2007 на Новиот универзитет во Лисабон и на Универзитетот во Перпињан и Бергамо. Шест години подоцна го одбранила докторатот по антропологија на Универзитетот „Карлс Еберхард“ во Тубинген, Германија, со студиски престој на Сорбона во Париз, Франција.

Сарџоска досега ги објавила збирките „Сината соба“,„Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“ и „Жива вода“, а нејзината поезија е препеана и објавена на италијански, шпански, англиски и српски јазик. Во последниве неколку месеци таа работи како истражувач во Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа во Ријека.