Неизвесно е дали во Косово ќе се формира влада, оти резултатите од предвремените парламентарни избори покажуваат дека победникот нема мнозинство да формира влада. Но, поради состојбите во регионот и заинтересираноста на меѓународната заедница да се решат отворените прашања на Балканот, познавачите очекуваат да се најде некакво решение. Најголем број гласови на изборите освои коалицијата предводена од Рамуш Харадинај. На второ место е движењето Самоопределување, а на трето е коалицијата предводена од Демократската лига на Косово.
Од партиите на Албанците во Македонија очекуваат соработка со идните косовски власти.
Рафиз Алити од ДУИ, кој беше потпретседател на Собранието во време кога Македонија го призна Косово, им честита на граѓаните и на институциите во Косово за одржувањето на фер и демократски избори, одржани по, како што вели, европски стандарди.
„Ќе треба да се почекаат финалните резултати. Очекувам коалицијата која ги доби изборите да формира влада. Влада која во целиот регион ќе рефлектира со стабилност и со добри соседски политики“, вели Алити.
Од партијата Беса велат дека резултатите се јасни, но дека предизвикуваат неизвесност за формирањето влада.
„Но, како и да е, која и да е идната влада, ние ќе инсистираме Македонија да развива одлични односи со Република Косово“, одговара Фатон Фазлиу, портпарол на Беса.
Нема да биде лесно во Косово да се формира влада, гледано од уставно-правна точка, вели професор Мерсел Биљали, оти според Уставот на Косово, ако победникот не може да формира влада, практично се оди на нови избори. Тој вели дека останува големо прашање дали Харадинај ќе успее да коалицира со едната од овие две, како што вели, силни партии.
„Со демократскиот сојуз сепак постојат одредени последици во однос на тоа како беше урната минатата влада. Но и Самоопределување си има свои насоки и многу тешко да се формира влада, но верувам дека поради состојбата во регионот и целата акција преземена од ЕУ и НАТО во однос на Балканот, мислам дека се очекува да се изнајде некакво решение, особено сега кога има важни чекори во однос на преговорите за решавање на меѓусоседските односи во Косово, најверојатно дека ќе има некаква влада“, вели Биљали.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Македонија во 2008 ја поддржа независноста на Косово, а во 2015 го поддржа и приемот на Косово во УНЕСКО. Биљали не очекува промена во односите меѓу Македонија и Косово по изборите.
„Многу од прашањата веќе се решени и тоа што е прашање на поддршка од Македонија за зачленување на Косово во меѓународни организации, мислам од самиот факт што Македонија го признава Косово како држава, веројатно и во таа насока ќе се однесува“, додава Биљали.
Предизборната кампања во Косово се потпираше на економски теми, со оглед на тоа тоа што невработеноста во земјата изнесува 27 отсто. Во кампањата доминираа и темите од национално значење, како визната либерализација, договорот за демаркација со Црна Гора, формирањето војска на Косово, односите до Србија...
Самоопределување се противи на демаркацијата со Црна Гора, оти сметаат дека на тој начин Косово ќе загуби дел од територијата. Претставници на партијата фрлаа солзавец во Парламентот за да спречат донесување на законот. Харадинај пак Србија, го товари за воени злосторства извршени во Косово, а по потерница тој неколкупати беше и апсен во странство.