Одделот за зрачна терапија во Битола остана неисполнето ветување

Клиничката болница д-р Трифун Пановски во Битола

Камен темелникот беше поставен во 2013 година, кога беше најавено дека Одделот за зрачна терапија во Битола ќе биде завршен до крајот на таа година. Сега се најавува дека одделот ќе биде пуштен во употреба за девет месеци.

Одделот за зрачна терапија во Битола не проработи, иако екс министерот за здравство Никола Тодоров стави камен темелник во 2013 и најави дека до крајот на истата година ќе биде пуштен во работа. Тодоров замина од функцијата, но не го исполни ветувањето дадено во Битола. Во негово време се подигна само бункерот, поточно објектот каде треба да биде сместен акцелераторот, но опремата сè уште не стигна. Пациентите чекаат одделот да проработи четири години, а за тој период патуваат на лекување во Скопје.

„Од 2013 година почнаа да го градат објектот, а денес сме 2017, сè уште не сме добиле зрачна терапија во Битола. До Скопје се малтретираме, три минути трае терапијата, а патуваме по три-четири часа.“

„Патните трошоци се на наш товар, а дали имаат сите болни доволно пари за да го платат патот“, велат пациенти од Битола.

Никола Тодоров неколку дена пред да биде сменет од министерската функција, со екс премиерот Никола Груевски ја посетија битолската болница. Тогаш Тодоров најави дека апаратот е стигнат и дека инсталацијата и комисионирањето ќе траат најмалку девет месеци.

Тодоров: Бункерот е комплетно готов и апаратот е стигнат. Имавме тендер за инсталирање на апаратите, на овие во Битола, Штип и во Скопје.

Груевски: За зрачна терапија нема Скопје да се оди? Инсталирањето за колку време ќе биде?

Тодоров: Тоа е најсовремен акцелератор. Да го финализираме договорот, да се потпише одлуката, за 15 дена треба да почне инсталирањето на акцелераторот. Потоа има период на инсталација, комисионирање. Се очекува за девет месеци од сега да почне да работи со пациенти. За зрачна терапија нема да треба во Скопје да се оди, му реферираше Тодоров тогаш на Груевски.

Тодоров во 2013 година најави дека проектот чини два милиони евра и ќе се реализира до крајот на годината. Но, набавката на опремата се реализираше преку Министерството за здравство и се оддолжи.

Од југозападниот регион годишно околу 1500 пациенти имаа потреба од зрачна терапија, а од Битола околу 450 заболени.

Пред неколку месеци од Центарот за јавно здравје соопштија дека дури 2044 битолчани во 2015 година биле стационарно лекувани од малигни заболувања во битолската болница.

Според евиденцијата на оваа установа, во периодот од први јануари до 31 декември 2015 година во болницата во Битола од малигни заболувања биле лекувани 768 мажи и 1.276 жени. Поради болеста пациентите од двата пола вкупно искористиле над 15 илјади болнички денови. Ова не е вкупната бројка на заболени битолчани од ова тешко заболување, со оглед на тоа дека дел од нив се лекуваат или терапијата ја примаат во Скопје. Битолската болница сè уште нема Одделение за хематологија, па оние со малигни заболувања на крвта и лимфата се третираат во Скопје.