Пломп - Поголемо чувство на итност за македонските евроинтеграции

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пломп - Поголемо чувство на итност за македонските евроинтеграции

Има многу поголемо чувство на итност кога станува збор за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Со изборот на новата влада, мислам дека се отвораат нови можности. Сепак, Македонија и Грција се тие што треба да најдат решение за спорот за името, а меѓународната заедница има интерес да помогне, вели холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Пломп, по долга политичка криза Македонија доби нова влада. Кои се според вас приоритетите на кои треба се фокусира?

Мислам дека тоа е работа на новата Влада, се разбира таа треба да ги одреди своите приоритети. Но, ако ме прашувате мене, јас би рекол дека првиот приоритет треба да биде подобрување на животот на сите граѓани во државата. Размислував за неизмерната радост во Македонија минатата недела кога ракометарите на Вардар станаа европски шампиони. Бев сведок на таква радост која ја обедини земјата, тоа беше радост на сите граѓани и многу би сакал граѓаните на Македонија да слават уште многу победи. Ако поконкретно ме прашувате за приоритетите на новата влада, би кажал дека пред сè тоа треба да бидат владеењето на правото, отчетноста, инклузивноста, и погенерално спроведувањето на реформите кои ќе ѝ овозможат на Македонија да влезе во Европската унија и НАТО. Можам да кажам дека за време на моите први состаноци со некои од министрите на новата влада, бев информиран дека токму овие реформи и евроатланските интеграции се на врвот на агендата на новата влада.

Премиерот Заев вети дека во најкраток можен рок ќе направат сè за да почнат преговори на Македонија со ЕУ и зачленување во НАТО? Дали според вас е можен брз прием на Македонија во евроатланските структури?

Мислам дека е многу важно тоа да биде врвен приоритет на новата влада, a сега многу повеќе отколку во минатото, исто така да биде врвен приоритет и за самите институции, бидејќи Западниот Балкан и Македонија добија повеќе приоритет во последно време. Зборувајќи за евроинтегративниот процес, сметам дека е важно да се споменат две работи. Прво, сите реформи кои се потребни за прием во ЕУ не треба да се спроведат примарно заради Унијата, туку заради доброто на самите граѓани. Многу е важно да се има ова предвид. И второ, се работи за двонасочен процес. На состаноците со претставниците на владата јас често им велам: помогнете ни за и ние да ви помогнеме. Македонија има многу пријатели вклучувајќи и земји членки на ЕУ и сите ние сме многу посветени да ѝ помогнеме на Македонија на патот кон прием. И јас сум многу горд што мојата земја Холандија е ваш партнер веќе 26 години.

Може ли земјава да се надева на некаква попустливост од земјите членки, имајќи предвид дека многу од реформите не сме ги завршиле?

Најпрво мислам дека е важно да споменам дека постои одредена разлика кога зборуваме за приемот во ЕУ и во НАТО. Секако дека и за НАТО владеењето на правото ќе биде многу значајно, и секако дека ќе биде потребен некаков договор за прашањето за името или негово решение. Разликата меѓу приемот во НАТО и во ЕУ е тоа што за НАТО голем дел од обврските се завршени. Македонија долго време беше во чекалната на НАТО, ако може така да ја наречеме, но тоа време не беше залудно потрошено. Многу од тие реформи беа завршени и кога станува збор за овие две институции, мислам дека приемот во НАТО може да биде побрз и тоа е едно значајно охрабрување. Кога станува збор за ЕУ, секако има цела област на различни поглавја за прием, сите знаат дека тоа е многу работа, но сепак добра вест е што ЕУ и земјите членки се подготвени да помогнат. Драго ми е што слушнав дека господинот Прибе, авторот на познатиот извештај, кој е во голема мерка основа за итните реформи, ќе ја посети Македонија наскоро и ќе ѝ помогне на земјата. Како и во 2015 година, тој ќе ја разгледа сегашната ситуација и заедно со институциите и со новата влада на Македонија ќе направи мапирање на тоа што, кога и како треба да се спроведе.

Дали е реално во догледно време да се реши и спорот за името кое е клучен фактор за нашето зачленување во евроатланските структури?

Најпрво мислам дека има многу поголемо чувство на итност кога станува збор за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, исто како и за другите земји од Западниот Балкан. Со изборот на новата влада, мислам дека е очигледно дека има и нов импулс, се отвораат нови можности. Сепак, самото прашање може да се реши единствено меѓу двете земји. Македонија и Грција се тие што треба да најдат решение. Но, мислам дека е во интерес на меѓународната заедница да помогне и да ги поддржи овие напори. Разбрав дека новиот министер за надворешни работи направил план според кој првите земји кои ќе ги посети ќе бидат соседните земји, и мислам дека се работи за одлична иницијатива која ја заслужува поддршката на меѓународната заедница, бидејќи добрите меѓусоседски односи ќе бидат суштински за доброто на Македонија, како и за приемот на земјата во ЕУ.

Мандатот на Специјалното јавно обвинителство истекува на крајот на месецот. Дали според вас треба да се продолжи неговата работа, односно да се завршат предметите кои беа покренати и произлегоа од преслушуваните разговори?

Мислам дека најважната работа со која треба да почнеме кога зборуваме за СЈО е тоа дека се работи за институција за која постоеше согласност на сите четири политички партии кои учествуваа во пржинскиот процес. Сите тие се согласија во врска со потребата да се основа ваква институција и во врска со начинот на кој тоа треба да се направи. Оттука, имајќи превид дека институцијата очигледно е зафатена со својата работа и сè уште не ја завршила, треба да ѝ се дозволи да ја исполни важната улога која ѝ беше доделена. Дозволете ми да додадам дека кога јас првпат слушнав за прислушуваните разговори и нивната содржина, бев шокиран и си помислив дека ако такво нешто се случеше во Холандија, граѓаните со сигурност ќе бараа целосно разјаснување за работите и целосна одговорност за тие кои учествувале во нив, независно од тоа од која партија или од која страна доаѓаат.

Значи вие ја поддржувате работата на СЈО?

Дефинитивно. Мојата земја секогаш го поддржувала СЈО токму поради тоа што тоа е витална институција на договорот од Пржино и таа е од клучно значење за успехот на тој договор за надминување на политичката криза. Не се работи само за одржување избори и избор на нова влада, туку исто така и за утврдување на вистината за тоа што се случило и за утврдување на одговорноста, затоа што јас силно верувам дека политиката на неказнивост само ќе ја пролонгира политичката криза.

Реформите во судството се болна точка на македонскиот правен систем. Дали целосна реорганизација или реизбор каков што најави премиерот Заев може да биде добар старт за резултати во таа област?

Имате право кога велите дека судството и владеењето на правото се слаба точка, тие се една од првите работи кои ќе треба да се направат со цел Македонија да се врати на патот кон прием во ЕУ. Судството има голема улога во ова и тоа често се споменуваше во извештаите на Унијата за вашата земја, кога се употребуваше и терминот заробена држава, што е многу силен термин. Навистина треба да се посвети внимание на тоа, и мислам дека од голема важност ќе биде начинот на кој тоа ќе се спроведе. Како што споменавте, евалуацијата, приемот на нови судии, изборот, унапредувањето или можеби и отпуштањето на судиите - најважно е сето тоа да се направи на професионален, непартиски и транспарентен начин. Само во тој случај граѓаните на оваа земја ќе знаат зошто се донеле одредени одлуки и мислам дека тоа ќе помогне да се врати довербата на граѓаните во сите институции, што е можеби и најважната задача на владата.

Македонија веќе неколку години наназад е лошо рангирана во однос на слободата на медиумите. Како да се подобри состојбата во ова поле?

Се согласувам со вас. Мислам дека е особено важно да се работи во оваа област и да се подобри ситуацијата во медиумите, бидејќи медиумите во која било држава се од клучна важност за граѓаните, за тие да знаат што се случува и да можат оформат свое мислење. А само кога граѓанинот има оформено мислење може да учествува во демократијата. Се работи за тема од големо значење, за која многу е кажано и напишано, но јас би почнал со слушање на луѓето кои работат во медиумите и со медиумите како Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги и Советот за етика. Мислам дека таму има добри идеи кои исто така доаѓаат од самите медиуми.

Дали тоа вклучува промени во медиумското законодавство?

Според мене би требало да се почне со дискусија, слушање на претставниците на медиумите и осврнување кон практиката. Наместо измени на законите за медиуми, можеби треба да се почне со разгледување на моменталната ситуација, спроведувањето на постоечките закони и како работите може да се подобрат во пракса. Понекогаш е потребно да се изменат законите, но во некои случаи други начини можат да бидат подобри и поефикасни.

Како очекувате да се развиваат односите меѓу Македонија и Кралството Холандија во следниот период?

Мислам дека еден дипломат никогаш не е задоволен со работите и секогаш бара начин како да ги подобри и зајакне односите меѓу двете земји. Но, најпрво сакам да кажам дека сум горд што 26 години Холандија беше солиден партнер на Македонија, независно од тоа која политичка партија била на кормилото на власта. Во таа смисла, ние сме целосно непартиски ориентирани. Сакаме да ѝ помогнеме на Македонија да успее во Европа и цврсто сме убедени дека начинот на кој Македонија тоа ќе го направи е преку ЕУ и НАТО. Искрено, не гледам друга алтернатива. Затоа посветено работиме на тоа Македонија и нејзините граѓани да бидат успешни во ЕУ и НАТО. Горди сме што соработуваме со Македонија на многу начини: порано тоа беше поддршката за развојна соработка, а сега имаме нови програми за соработка. На пример, работиме со Министерството за финансии бидејќи сме во истата конституенца во Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Европската банка за обнова и развој, работиме на заштита на животната средина, имаме голема соработка со граѓанското општество и посветени сме на владеењето на правото и приватниот сектор. Би го истакнал приватниот сектор за кој сметам дека е многу важен за отворање нови работни места кои се од клучно значење за успехот на Македонија.

Ќе видиме ли повеќе холандски инвестиции во Македонија?

Искрено се надевам. Минатата недела имавме одличен состанок во Холандија наменет за сите земји од Западниот Балкан, кој во голема мера беше организиран во соработка со овие земји. Беа присутни 80 холандски компании кои имаат интерес или за трговија или инвестирање во западно-балканските земји, вклучувајќи ја и Македонија. Има многу примери во текстилната индустрија, пред само два дена холандско училиште за моден бизнис ја посети Македонија. Постои интерес на полето на информатичките компании, земјоделските компании и секако туризмот. Среќен сум што можам да кажам дека Холандија е веројатно најважната земја во однос на потеклото на туристите кои доаѓаат во Охрид и убавото Охридско Езеро. Околу 30-35 илјади туристи доаѓаат оваа година и мислам дека има простор за постојан одржлив раст на туризмот во Македонија. Среќен сум што има многу иницијативи на приватниот сектор кои ние како Амбасада се обидуваме да ги поддржиме, како и специфичните иницијативи кои се наменети кон зајакнување на иновациите, корпоративната одговорност, инклузивноста. Јас сум подготвен во соработка со македонските институции и компании да ја направиме Македонија топ дестинација за холандските компании.