Системот во кој функционира македонскиoт железнички сообраќај е заробен во 60-тите години на минатиот век, начинот на работа не се променил од тогаш, иако техниката и технологијата се сменети и подобрени, вели Дејан Трпевски, експерт за железнички транспорт. Освен поделбата на железници на две претпријатија, за транспорт и инфраструктура, друга реформа не е направена, и крајно време е да се преземат мерки за да се промени лошата состојба и имиџ на Македонски железници, додава тој. Машиновозачот Душко Чакаровски смета дека токму таа поделба на две јавни претпријатија е зародишот на нивните проблеми.
„Оттогаш вработени се примало само во администрација, за во канцеларии, а тие што ги извршуваа вистинските задачите и обврски останале на истото ниво или помалку, затоа ни настанува проблем околу неправилната поделба на буџетските пари, односно околу платите. Вреднувањето на работните места ни го креираат директори од власта, а не човек кој ги разбира работите. Ова се стари проблеми, менаџерите кои доаѓаат, како што вели народот, си го товарат магарето и си одат, затоа што знаат дека мандатот ќе им помине, а вработените си остануваат со своите проблеми до пензија“, вели Чакаровски, кој е и претседател на Синдикатот на машиновозачите.
Трпевски, пак, додава дека проблемите во железничкиот сообраќај се многу сложени и прв чекор кон нивно разрешување е итна либерализација на пазарот, затоа што може да купиме ние илјадници нови локомотиви или вагони, но тоа нема да ја подобри состојбата во која се наоѓа железничкиот сообраќај.
„Главната причина е тоа што Македонски железници се уште се под државна сопственост, менаџерите кои се поставуваат, за жал, се од редовите на владејачката партија, никогаш не се поставуваат менаџери професионалци, а тоа го видовме низа години наназад. Тоа се луѓе кои што не се способни да го извлечат товарот на железницата“, вели Трпевски.
Тој додава дека загубата на двете претпријатија за минатата година е во вредност од шест нови електрични локомотиви, што е апсолутно недопустливо.
Либерализацијата на железничкиот сообраќај ќе донесе конкурентност, подобри услуги и пониски цени на патничкиот и транспортниот сообраќај, како и подобри услови за вработените, вели Трпевски. А Македонија ќе мора да ја спроведе либерализацијата или милум или силум затоа што таа во регионот се спроведува забрзано, а ние не може да си дозволиме да останеме.
„Затоа што сè уште ќе може да го либерализираме пазарот под наши услови, македонски услови, затоа што оној момент кога ќе тргнат возовите во Србија, приватните, а нив ги очекуваме во септември првите приватни возови од Србија да тргнат, во таа ситуација ЕУ ќе не притисни да го либерализираме пазарот на железнички услуги веднаш. Зошто? Па во Грција ќе имате приватни оператори, во Србија ќе има приватни оператори и Македонија како дупка нема да ја остават, затоа што нема да ни дозволат ние да го кочиме напредокот на останатите“, вели Трпевски.
Но, ако чекаме другите да не притиснат тогаш тоа ќе се прави како што ќе ни биде диктирано од надвор, а тоа ќе биде полошо за нас, треба сами да си ја направиме либерализација час поскоро под наши услови, објаснува Трпевски, кој додава дека не треба да се гасат само пожари, односно постојано да се спасуваат двете претпријатија, потребен е темелна железничка реформа.
Машиновозачот Чакаровски вели очекува од новиот министер да му наложи на новиот директор да си ги засукаат ракавите и да извршат квалитетна систематизација и анализа на работните места, да се исчисти од партиски војници, и да се реформира системот на работа. Тој очекува дека либерализација на железничкиот пазар може да им донесе подобрување на работните услови.
„Јас мислам дека секако ќе донесе, затоа што тогаш нема да им треба толкава бројка на администрација, нема да им треба неработници, нив ќе им треба извршен персонал, може ќе го зголемат извршниот број на персонал но администрацијата ќе ја намалат. За работникот би имало подобри услови и би било подобро за нас“, вели Чакаровски.
Празните перони станаа редовна слика во македонскиот железнички сообраќај. Честите протести на машиновозачите се само една од причините што не сообраќаат редовно локомотивите. Вработените два пати годинава преку бојкот на работа си ја бараат платата која веќе четири години ја земаат во делови и нередовно.
Денеска машиновозачите со новиот министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев постигнале договор за нивните барања и возовите од полноќ ќе сообраќаат редовно.