Полноќниот избор на новата влада на чело со премиерот Зоран Заев, речиси дводневната дебата по неговото експозе за програмата, завршните обраќања на сега само претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски и на мандатарот Заев пред синоќешното гласање, разбирливо се топ тема на домашниот печат во изминатите денови.
„Нова етапа во Македонија, избрана Владата на СДСМ“ – Утрински; „Зоран Заев е новиот премиер на РМ“ – Нова Македонија; „Македонија со нова Влада“ – Вечер; „Со 62 гласа ЗА избрана новата Влада“ – Дневник; „Новата Влада тип-топ, опозицијата клик-клак“ и „Новата Влада на прием кај Иванов, се предаваат министерските кабинети“ – Слободен печат.
Сите електронски изданија на весниците ги објавија и честитките од ЕУ, од Могерини, и од Стејт депарментот, како и од американскиот амбасадор во земјава, Бејли.
Утрински ја објавува и потврдата од СЈО: „За ниту еден министер од новиот владин состав нема истрага, ниту обвинение“.
Весниците објавуваат и извадоци од обраќањата на Груевски и на Заев, како и на новиот министер за надворешни, Никола Димитров, во врска со горливото прашање околу името. Дневник ги цитира зборовите на Груевски: „Нема да помине половина година, а за нивните неуспеси ќе нè обвинуваат нас“, а Утрински: „ВМРО-ДПМНЕ брзо ќе се врати на власт – за тоа што неговата партија заминува во опозиција тој ја обвини меѓународната заедница“. Вечер наслови: „Прва изјава на новиот премиер Заев: Грижа за граѓаните без поделби“. „Димитров ветува: Оваа Влада ќе прави пријателства и ќе води мудра политика“, го цитира Вечер новиот шеф на македонската дипломатија.
Позитивна реакција од грчкиот министер за надворешни, Коѕијас: Нова Македонија ја објавува неговата изјава за време на посетата на Хрватска дека веднаш по официјалниот избор ќе се стреми да се сретне со колегата Димитров во Атина.
Утрински објавува: „Обвинителството за организиран криминал се вклучува во истрагата за ’крвавиот четврток‘ – Државното обвинителство утврдило дека постои содејство на неколкумина осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието и во надворешниот појас и за сплет на инкриминирани дејствија кои не можат да се припишат само како деликт на масата....“ Вечер ја пренесува изјавата на Заев дека „очекува Зврлевски сам да си поднесе оставка за да се забрзаат процесите“. И една загрижувачка вест што ја објави Утрински, всушност информација од здружението „Борка“: „Во Македонија дневно од рак умираат 13, а болеста се дијагностицира кај 20 луѓе“.