Забрзано кон ЕУ и НАТО, светските агенции за новата влада

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Светските новински агенции за новата македонска влада

Забрзан пат кон Европската унија и НАТО и продолжување на реформите. Ова се главните акценти во јавувањата на светските новински агенции за изборот на новата македонска влада. Притоа тие потсетуваат дека земјата две години била во длабока политичка криза која се заканувала да прерасне во меѓуетнички конфликт.

Скоро шест месеци по парламентарните избори на 11 декември, 62 пратеника од 120 во македонскиот парламент гласаа за владата на премиерот Зоран Заев, јавува новинската еагенција Ројтерс, нагласувајќи дека тој ветил забрзување на напорите за влез на земјата во Европската унија и НАТО.

Агенцијата постестува дека овие напори биле спречени поради спорот со Грција околу името.

Новата, влада, како што наведува Ројтерс, се надева дека ќе ја изведе земјата од најголемата политичка криза од 2001 година, кога западната дипломатија успеа да ја отргне Македонија од меѓуетнички конфликт.

Агенцијата потсетува дека Македонија немала функционална влада од 2015 кога избувна скандалот со прислушуваните разговори.

Новинската агенција Асошитед прес, пак, ги цитира зборовите на Заев дека „концептот едно општество за сите е иднината на Македонија“, оценувајќи дека со тоа тој сака да ги отфрли критиките од опонентите оти неговите ветувања спрема албанското малцинство ќе го поткопа суверенитот на земјата.

Агенцијата Франс прес, посочувајќи ја заложбата на Заев да работи за побрзо влегување во ЕУ и НАТО, наведува дека претходната влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се оддалечила од оваа цел, посебно од 2008 година кога Грција, како што се наведува, ставила вето на членството на Македонија во НАТО.

Германската новинска агенција ДПА наведувајќи дека Македонија во изминативе две години била виртуелно парализирана земја го потенцира ветувањето на Зоран Заев за справување со корупцијата, како и за зголемување на животниот стандард.

ДПА додава дека СДСМ и неговите партнери во владата ДУИ и Алаијансата на албанците имаат многу тесно мнозинство од 62 пратеника во парламентот од 120 пратенички места.