По емотивната Жизела Жоазо, пејачката која на штотуку завршениот 16-ти ОФ-ФЕСТ со невидена леснотија ни докажа дека „фадото не е тажна туку интензивна музика – впрочем како и животот“, за релативно кратко време ќе имаме можност да му бидеме добри домаќини на уште еден голем португалски уметник – на писателот, книжевен критичар и преведувач Бруно Виејра Амарал. На авторот кој во својата татковина е добитник на престижната награда за книжевност „Жозе Сарамаго“ и на оној кој е прогласен е за еден од десетте „Нови книжевни гласови на Европа“ за 2016 година.
И, кога сме веќе кај него – уште неколку биографски цртички. Роден 1978 година, Амарал дипломирал современа историја на Универзитетскиот институт во Лисабон. Во 2002 година учествувал на „Државната изложба на млади поети“ во Португалија, а патем соработувал и во разни книжевни списанија и зборници и автор е на разни блогови.
Работел како автор, преведувач и книжевен критичар, а згора на тоа е уредник на списанието за книжевност ЛЕР и одговорен е за комуникации на книгоиздавателството „Групо Бернард“.
За романот „Првобитните нешта“, откако бил почестен со убави зборови од критиката, во 2013 година ги добил наградите „Книга на годината“ на списанието „Тајм Аут“, наградата „Фернандо Намора“, како и ПЕН наградата за проза. Истата година го објавил и својот „Водич низ 50-те ликови на португалскиот расказ“, а четири години подоцна и актуелното дело „Денес ќе бидеш со мене во рајот“.
Во својата прва објава, кај нас штотуку преведениот роман „Првобитните нешта“, Амарал се навраќа во замисленото маало Амелија, кое се наоѓа на јужниот брег на реката Тежо, во Вале да Амореира, во регионот Сетубал, каде што самиот пораснал. Од таму, од другата страна на реката, тој секојдневно го гледал Лисабон. Имено, како што ќе забележат преведувачката и луѓето од Или- Или, „делото комуницира со биографијата на Амарал, но, самото по себе не е автобиографско“. Во нарацијата на романот, како што стои во објаснувањето, авторот го напушта тоа маало пред речиси цела една декада и тоа заминување е своевидна победа со која се оддалечил од трошните и сиви згради на сиромаштијата и општествената изолација и исклученост. Но, по низа животни порази, развод, невработеност, очај, револт, болка, сега се враќа на истото место. Почнува да живее со мајка му и се соочува со свет кој, не само што не го препознава туку и не постои повеќе онаков каков што го оставил. Самото негово враќање во родното место, речиси одисејски, го означува и започнува со неговиот конфликт со минатото, но, конечно, елегичниот крај му ги отвора портите на ослободувањето од бремето на меморијата, каде што тој ги препознава вистинските првобитни, некогашни, први нешта.
Инаку, од Или-Или, знаат да кажат дека на изадавачки план откако пролетта им ја посветиле на домашните книжевни сили решиле во летниот период да ја реализираат и својата европска книжевна офанзива.
Велат дека планираното гостување на неколку актуелни книжевни автори го започнуваат оваа сабота, на 3 јуни, во 20 часот во клубот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија. Тогаш е планирано гостувањето на португалскиот автор Бруно Виејра Амарал, и промоцијата на неговиот наградуван роман „Првобитните нешта“.
„Со излегувањето на оваа книга одбележуваме два куриозитета – ова е вкупно јубилејниот, 150. наслов во ПРОаЗА, и истовремено прв превод на дело од португалски на македонски јазик во рамките на популарната едиција, за кој беше задолжена Наташа Сарџоска. Токму Сарџоска и ќе биде задолжена за синхрониот превод за време на промоцијата, кога г-нот Амарал ќе не почести со говор на прекрасниот португалски јазик, а промотор на книгата ќе биде Владимир Мартиновски. Вечерта ќе ја заокружи еклектичниот сет на почитуваниот диџеј Шурбе(ира)“, вели Игор Ангелков од Или-Или.
Тој дополнува дека излегувањето на книгата, како и впрочем гостувањето на авторот во Македонија, се дел од проектот „Креативна Европа“ на Европската унија, во чии рамки допрва следуваат уште неколку несекојдневни книжевни средби со значајни творци од Стариот континент.
Веќе следниот петок, на 9 јуни, во Македонија ќе гостува романскиот автор Филип Флоријан. Ќе правиме промоција на неговиот роман „Малите прсти“, дело кое е овенчано во национални рамки и кое доби низа европски книжевни награди, а во текот на јули и на август ќе ги поканиме во Скопје и Миљенко Јерговиќ од Хрватска и германскиот автор Клеменс Мејер, за да видиме што се случува и во тамошната книжевност, а на крајот на летото со свое гостување во Скопје ќе не почести и наградуваниот унгарски писател Атила Барти со неговиот прекрасен роман насловен „Крај“ “, појаснува Ангелков.