Попоски за успесите во дипломатијата, новинарите го потсетија на неуспесите

Прес-конференција на вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски.

Долгиот список на придобивки, „го расипаа“ новинарите, потсетувајќи го дека земјата сè уште не е членка на ЕУ и НАТО, прашањето за името со Грција не е решено, а остануваат уште низа отворени прашања од надворешната политика.

Следниот министер за надворешни работи наследува доста успешно министерство, барем според зборовите на министерот во заминување Никола Попоски, кој во последната година беше и вицепремиер. На својот последен ден како министер тој се осврна на евроатлантските интеграции, соработката со Грција, заедничките седници со владите на Бугарија и на Србија, справувањето со мигрантската криза. Како позитивни ги оцени и напредокот во економската дипломатија, олеснувањето на визниот режим со некои држави, тоа што институцијата доби нов објект и редица други проекти.

Долгиот список на придобивки, се обидоа да „го расипат“ новинарите, потсетувајќи го дека земјата сè уште не е членка на ЕУ и НАТО, прашањето за името со Грција не е решено, а остануваат уште низа отворени прашања од надворешната политика. Попоски, пак, вели дека многу е направено и дека уште многу треба да се направи и дека ЕУ и покрај сите забелешки, сепак на крајот дала препораки за преговори.

„Моја оценка е дека Македонија е напредната во изминатиот период и доколку ги споредиме ситуациите кои сме ги имале во минатото, мислам дека од административен аспект имаме многу поголеми капацитети, од аспект на чекори кои сме ги презеле во изминатиот период под многу тешки околности сме потврдиле дека сме многу жилава земја која не подлегнува многу лесно на предизвици кои биле веројатно многу потешки од кои било предизвици со кои се соочувале нашите соседи“, вели тој.

Посочува дека и во извештаите на НАТО и во тие на ЕУ имало критични ноти, некогаш повеќе, некогаш помалку.

„Тоа е неизбежно бидејќи се прават за да се лоцираат недостатоците, вордингот кој се користи е политичка категорија и упатува порака до земјата која сака да се приклучи. За мене она што е клучно е дека има бројни области во кои ние треба да се подобруваме, не е сè завршено, ниту сè почнало, ниту сè завршува со кого било. Она што е многу побитно е да правиме напори за подобрување“, вели тој.

Министерот во заминување вели дека исклучиво од земјите членки зависи кога земјата ќе стане дел од ЕУ и препорачува дека би било добро Унијата да даде некаква временска рамка во која би се дале, како што вели, контури на тоа кои се критериумите, оти како што додава, критериумите станале растеглива категорија со текот на годините. Во меѓувреме, вели тој, останува на земјата да одржува добри односи со соседите, оти кога и да влезе земјата во ЕУ ќе и биде потребна позитивна клима и соработка со земјите кои нè опкружуваат.

Последните денови актуелни се односите со Србија, откако беше објавено дека советник во српската амбасада во Скопје и офицер на БИА, Горан Живаљевиќ бил присутен во Собранието за време на насилствата на 27 април. Попоски вели се расчистува зошто, како и со чие знаење учествувал или не учествувал во настаните во Собранието.

Што се однесува до односите со Грција, со која Македонија има отворено прашање за името, Попоски вели дека е направен сериозен исчекор во односите меѓу двете земји. Тој вели дека по ова прашање не смее да се прави ништо на штета на националните интереси.

„Процесот почнал многу порано, траел многу долго и крајно неблагодарно е за кого било да прогнозира што ќе биде. Секој носи одговорност во доменот на своите ингеренции“, вели тој.

Попоски останува на ставот дека единствена причина што Македонија не е членка на НАТО и што сè уште не се започнати преговорите со ЕУ е тоа што и во двата сојуза има земја членка која не сака да и ја даде таа можност.

Попоски не се гледа како лидер на ВМРО- ДПМНЕ

Попоски кој е пратеник, држеше прес-конференција во време кога во Собранието се дискутира за избор на нова влада. По завршувањето на министерувањето, тој вели дека останува пратеник, а ги отфрла како шпекулации и информациите дека е можно да биде нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Попоски вели дека спомнувањето на многу имиња за можни лидери на партијата се прави со цел, како што вели, да се внесе раздор во ВМРО-ДПМНЕ, но додава дека тоа нема да успее.

Тој на својот наследник не му порача ништо, коментирајќи само дека секој кој носи одговорна функција во државата има исклучително тешка задача.

На чело на МНР од 2011

Никола Попоски стана министер за надворешни работи по изборите во 2011 година, откако неговиот претходник Антонијо Милошоски по изборите соопшти дека сака повеќе време да му посвети на семејството и оти повеќе сака да биде родител отколку министер за надворешни работи. Откако министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески пред една година поднесе оставка на функцијата поради, како што беше соопштено, здравствени причини, Попоски и министерот за здравство Никола Тодоров беа назначени и за вицепремиери.

Откако беше назначен на функцијата, Меѓународниот суд на правдата во Хаг кон крајот на 2011 година пресуди во корист на Македонија по тужбата против Грција за прекршувањето на Времената спогодба со ветото на Атина за зачленување на Македонија во НАТО. Сепак, само резултатот дојде во мандатот на Попоски, зашто тужбата беше дело на неговиот претходник Антонијо Милошоски.

Во изминатата година зачестија средбите меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Попоски и Никос Коѕиас, но двајцата соопштуваат дека работат на градење на доверба која е услов за решавање на спорот за името. Македонија осум години по ред добива препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, од кои 6 во мандатот на Никола Попоски. Сепак, во последните три години Унијата има остри критики за Македонија, а последните две препораки беа условени со решавањето на политичката криза и одржување фер и кредибилни избори.