„Конструктивна“ дебата за избор на новата влада

Седница на Собранието за избор на Влада. Антонио Милошоски, Илија Димовски, Никола Груевски, Томислав Тунтев

На дебатата за избор на владата, ВМРО-ДПМНЕ засега е конструктивна опозиција, но дел аналитичари сметаат дека тоа ќе се види кога ќе почнат да се носат законите. Досегашната реторика, пак, сметаат дека е пред се во насока на локалните избори.

Првичните дебати меѓу власта и опозицијата на собраниската расправа за избор на нова влада ги навестуваат контурите за тоа на што ќе инсистира кабинетот предводен од Зоран Заев, а што главно ќе критикува ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, нивните оцени аналитичарите ги ограничуваат до првите носења на закони или нивни измени и до локалните избори.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Седница на Собранието за избор на нова влада

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, на сите им е јасно дека дебатата за избор на влада е ограничена и дека не можат да зборуваат долго бидејќи како и да е за владата ќе се гласа на полноќ.

„Се знае дека филибастерингот (одолговлекување на дискусијата) не е продуктивен во овој момент. Кога ќе почнат нови законски решенија да се носат тогаш ќе ја видиме конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Муслиу.

Првичните вербални судири меѓу власта и опозицијата беа главно околу економските политики. Мандатарот во експозето рече дека приоритет на новата Влада е поддршка на домашните мали и средни претпријатија. Ова предизвика забелешки од ВМРО-ДПМНЕ. Збор нема ниту за поддршка на странските инвестиции, нема добар економски тим во новата влада, има најави за зголемување даноци, нема план за градење патишта, реагираше опозицијата.

Според Муслиу, ВМРО-ДПМНЕ се концентрира на тоа што ќе им биде кампања за локалните избори. Недостатоците од нивното досегашно владеење ќе се труди да ги покрие со евентуалните недостатоци на новата влада, смета Муслиу.

„Тоа е начин на дефокусирање од сите информации кои ние ќе ги добиеме од новата влада. Кај нас странските инвестиции се знае дека беа скапа работа, но никој не знае колку тие чинеа“, вели Муслиу.

Од новото владејачко мнозинство пак, во своите говори инсистираат на расчистување на начинот на кој досега владееше ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи го недемократски но и на расчистување на случувањата од 27 април во Собранието. Според Муслиу, таквото инсистирање и ќе продолжи за да ги минимизира налетите на новата опозиција.

Граѓаните, пак, од новата влада очекуваат многу - од намалување на невработеноста, воспоставување ефикасна јавна администрација, реформи во образованието, здравството до расчистување на криминалот.

„Прво да се посвети на работни места на младите.“

„Да се направат реформи во судството и во образованието и тие реформи да ги спроведат, а потоа и да се определи на работа, да се отворат работни места.“

„Да се среди администрацијата. Државната администрација и институциите да функционираат беспрекорно“

„Прво криминалот да се расчисти што го направи претходната влада. Сите што украле да си одговараат за сето тоа. Но, за жал нашиот суд е под нивна ингеренција“, велат анкетираните граѓани.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Реформска влада, критична опозиција

Oд опозицијата, пак, граѓаните очекуваат да биде конструктивна, да не ги кочи реформите со цел земјата да се придвижи на економски план и на нејзиниот евроатлантски пат но и зачувувањето на интегритетот на државава.