Приоритет да бидат граѓаните, а не политичарите

Нови работни места и подобрување на животниот стандард треба да биде приоритет на новата влада, велат граѓаните. Од опозицијата се бара критика и конструктивност

Намалување на невработеноста, подобрување на животниот стандард, воспоставување ефикасна и рационална јавна администрација која ќе биде свртена кон интересите на граѓаните, реформи во образованието и здравството, се клучни приоритети кои луѓето во Македонија ги очекуваат од новата влада. Сè што е во врска со животниот стандард, тие го рангираат високо на листата на нивните приоритети.

„Прво да се посвети на работни места на младите. На пензионерите не треба многу пензии повисоки. Да се даде на младите зашто ние нашите пензии ги даваме за синовите, ќерките и внуците, а најдобро е тие да работат.“

„Да се направат реформи во судството и во образованието и тие реформи да ги спроведат, а потоа и да се определи на работа, да се отворат работни места.“

„Да се среди администрацијата. Државната администрација и институциите да функционираат беспрекорно. Кај нас долго време постои хаос во работата на државните институции и ако тоа се направи, граѓаните ќе се снајдат сами“, велат анкетираните граѓани.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Реформска влада, критична опозиција

Луѓето во исто време најмногу успех очекуваат во борбата против криминалот и корупцијата. Една граѓанка од Скопје вели дека очекува најмногу од ангажманот на оваа Влада во таа област. Според неа, за решавање на ова прашање најважно е судството да не биде партизирано.

„Прво криминалот да се расчисти што го направи претходната влада. Сите што украле да си одговараат за сето тоа. Но, за жал нашиот суд е под нивна ингеренција“, изјави граѓанка од Скопје.

Граѓаните се свесни дека многу потешко е да се реши прашањето на животниот стандард и невработувањето. Додека за борба против криминалот е потребна политичка волја, за подобрување на животниот стандард, според анкетираните, на новата Влада и претстои многу работа.

„Младите да се вработат, да си најдат места. Образованието да се среди. Здравството да се среди. Здравството е уништено, јас сум медицинско лице и се срамам од оваа состојба“, вели граѓанка.

Што се однесува на опозицијата, граѓаните очекуваат таа да биде конструктивна и да не ги кочи реформите со цел земјата да се придвижи на економски план и на нејзиниот евроатлантски пат. Но, некои луѓе не мислат така. Според нив и натаму остануваат дискутабилни определбите на новата влада во врска со зачувувањето на интегритет на земјата, тема за која ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше идната Влада. Други, пак, на опозицијата и порачуваат да дозволи криминалците од нејзините редови да се соочат со лицето на правдата.

„Опозицијата треба критички да гледа на сите негативности, таму каде има грешки да даваат предлози како да се решат.“

„Опозицијата треба да не бега, да е редовна на седници, гледаме многу малку се на седници.“

„Конструктивна опозиција, да не ги уназадува работи и таа да биде за реформи да влеземе во НАТО и ЕУ, а не да биде контра и сите работи да ги враќа назад.“

„Најпрво зачувување на интегритетот на државата. Ништо од она што господинот Заев го има ветено на албанскиот блок господинот Никола Груевски никогаш го нема размислено како опција и прашање. Границите на нашата држава да ги зачува, па после да размислува за сè друго.“

„Опозицијата да биде конструктивна, чесните луѓе да се приклучат кон сите овие процеси и да се изведе правдата на виделина“, велат анкетираните граѓани, кои потенцираат дека ниедна лага нема да трае во недоглед.