Критики за бројноста и за изборот на министри во новата влада

Илустрација - новата сала за седници во Владата

Мандатарот предложи владин кабинет од 25 министри,17 по предлог на СДСМ, шест по предлог на ДУИ и два по предлог на Алијансата за Албанците. Првите критики се за бројноста на кабинетот и за некои предложени кадри.

Новата влада на СДСМ ќе има ист број министри како и досегашната на ВМРО-ДПМНЕ. Од 25 министри ќе има осум без ресор, но овој број може да се смени, ако некои од нив станат вицепремиери. Бројноста на владиниот кабинет веднаш предизвика реакции во јавноста, оти очекувањата беа дека тој ќе се намали и поради ветувањата на СДСМ од пред две години дека владата што би ја предводеле немало да брои повеќе од 20 министри.

Според политичкиот аналитичар Џелал Незири бројката е иста, затоа што морало, како што вели, да се задоволат сите коалициски партнери, но и внатрешните фракции во партиите.

„Тоа не е добар почеток за новата влада, зашто требаше да испрати порака дека ќе почне да работи подомаќински, почнувајќи од намалување на бројот на министерствата, а со тоа и на трошоците што граѓаните ги плаќаат за нивно функционирање“, вели Незири.

Но, според Никола Дујовски, професор на универзитетот Свети Климент Охридски, бројот на министерствата воопшто не е важен туку, како што вели, многу поважна е суштината, односно што министрите ќе прават.

„Во првите сто дена од изборот секој има право на шанса. Ги разбирам критиките во јавноста, делумно се позитивни, неколку се и негативни, особено за предлозите на ДУИ и за големиот број министри без ресор што Заев ги предлага, но треба да се остави сто дена за да видиме што таа влада ќе прави“, вели Дујовски.

Од шесте предложени членови на владиниот кабинет од ДУИ речиси никој не помина без критика. На познатите кадри како поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко кој е предложен за министер без ресор, или на актуелниот градоначалник на Липково Садула Дураку, кој ќе биде прв човек на животна средина, им се забележува дека и досега не покажаа некакви резултати. За непознатите за јавноста, како на пример, предлогот за министер за правда, Билен Саљији, пак, му се забележува на скромната биографија за едно од најважните министерства кое што треба да преземе клучни реформи. Саљији, кој има 42 години, од 2005 до 2011 работел во Општина Врапчиште, прво како советник за односи со јавноста, а потоа и како директор на јавното комунално претпријатие во општината. Од 2011 досега бил директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

„Дел од министрите немаат ниту едно постигнување во нивната досегашна кариера и целата ја имаат стекнато во тој партиски костум, а за друг дел, пак, не верувам дека ќе бидат на ниво на задачата или на очекувањата, а тоа е да биде реформиран целиот систем на државата“, вели Незири.

Собраниската дебата за програмата на новата влада и нејзиниот состав почнува утре. Според Деловникот, може да трае два дена и за неа треба да се гласа до среда на полноќ. Тоа значи дека најдоцна в четврток Македонија ќе ја добие новата влада. За неа, според досегашните позиционирања, би гласале најмалку 62 пратеници, односно од СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, а можно е позитивно да се изјаснат и двајцата од ДПА. Беса веќе соопшти дека тешко да гласа за оваа влада, пред сè поради кадрите што ги предложиле ДУИ.