Многу вработени во домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп се жалат на мобинг од директорката Ирена Стерјоска -Локвенец. Таа на функција дојде пред година ипол, откако неколкумина членови на ВМРО-ДПМНЕ одбија да седнат на жешката директорката фотелја, зашто екс-директорот Дарко Рибароски Домот го остави со загуби од околу 225.000 евра. Но, наместо подобри услови за работа, како што се жалат овие вработени, глава не може да кренат од постојани казни и малтретирања од директорката.
„Нѐ малтретира, нѐ казнува, само ние не работиме. - Ќе ве казнам, ќе ве избркам, ете тоа е. Јас сум два пати казнета, 15 проценти наеднаш. Судијата прашува - како може така, има процедура, првин опомена, дисциплинска, па после казна. Реков директно и тоа решението таа не ми го дава, не ме вика во канцеларија. Нѐ мачи, нѐ навредува, налет работата па и навредата, со лексилиум влегувам со лексилиум излегувам. А, тие кога сакаат одат на работа, кога сакаат си одат, колите сите си ги земаат“, се жали една од вработените во Домот, која што инсистира на својата анонимност.
Четворица од вработените собраа храброст и одлучија да поднесат и кривична пријава против директорката. Нивниот полномошник, адвокатот Жаре Стеваноски, вели дека вработените се сериозно изложени на политички мобинг. Од одредени вработени тврди дека е побарано да сведочат во дисциплински постапки против политички неистомисленици со закани дека ќе бидат кажани во месните комитети, дека се разочарување за партијата, дека во најбрзо време ќе бидат бркани од работа, а зголемуван им е и обемот на работа, зашто не подлегнале на притисоците.
„Им беа изрекувани парични казни, во постапка по приговор против таквите решенија се утврди дека решенијата не биле основани, односно носени во несоодветна постапка, не биле разгледувани нивните наводи. И сето тоа упатува на заклучок дека директорката неосновано и противзаконски користејќи ја својата службена положба, вршела психички и физички притисок преку зголемен обем на работа на конкретните вработени и на таков начин го остварила битието на кривичното дело: малтретирање во вршење на служба“, објаснува адвокатот Стеваноски.
Неодамна ситуацијата во Домот кулминирала, кога две вработени се обиделе да се пријават со електронски картички во домот. Едната е физички нападната, потоа како што велат следеле закани, а случајот добил полициска разрешница и според адвокатот медицинските наоди се само дополнување на кривичната пријата против директорката, која што упорно не сака да прекине да практицира партиско менаџирање.
Но, директорката одбива да го коментира случајот.
„Институциите ќе си ги слушнат двете страни, сѐ додека не се донесе некаква одлука, не сакам да давам моја изјава“, децидна е директорката Стерјоска- Локвенец.
Домот за стари лица, со години го следат афери. Ексдиректорот Рибароски кој е познат како послушен партиски кадар, според вработените ангажирал сопартијци,кои немале конкретно работно место.
Поради блокадата на сметката на домот, штитенците иако сами ги плаќаа трошоците за своето сместување, подолг период се жалеа дека се оставени без квалитетна храна, без греење, во нечиста средина, без лекови.
Со доаѓањето на Стерјоска Локвенец, проблемите со греењето се решени, подобрен е и квалитетот на храната, но вработените се жалат на досега невидено малтретирање зашто не се послушни партиски членови.