Празни ветувања за подобар живот на Ромите во Прилеп

Ромската населба „Три багреми“ во Прилеп.

Во ромската населба „Три багреми“ во Прилеп не дошол 21 век. Луѓе живеат во картонски бараки, пијат вода од езерото, немаат добро снабдување со струја, немат контејнери. Ветувања за подобро утре добиваат пред избори и сè останува на тоа.

Граѓаните од ромска националност што живеат во населбата „Три багреми“ во Прилеп, се револтирани од локалната власт, затоа што не се остварени ветувањата за подобрување на условите за живот, дадени на избори.

„Тешко, како се живее. Дојдете навечер да видите колку има јака струја. Оди, пушти вода, ако се напиете од таа вода, алал да ви е.“

„Најглавно е една амбуланта тука да имаме, во „Тризла“, бидејќи сме многу големо население“, реагираат дел од жителите.

Невладината организација „РОМА С.О.С“ подготви „Посебна студија за домување на Ромите во општина Прилеп“, во којашто ги лоцира и најголемите проблеми и приоритетни решенија, т.е. обврски на локалната власт не само во реонот „Три багреми“, туку и во другите делови на населбата „Тризла“: „Дебој“, „Мексико“ и „Ново село“.

„Идентификувани се седум приоритети коишто се од интерес на ромската заедница во делот на домувањето. Тие проблеми се однесуваат, првиот во однос на ГУП и ДУП каде што се уште има делови од населбата што не се делови во овие планови“, изјави Несиме Салиоска од „РОМА С.О.С“, бидејќи во оваа населба има граѓани кои и во 21 век живеат во картонски бараки, пијат вода од езерото, во населбите нема квалитетно електроснабдување, недоволно ноќно осветлување, нема контејнери, отпадоци се расфрлени на сите страни.

„Целта ни е да помогнеме да се идентификуваат сите овие проблеми коишто ги има локалното население, во „Тризла“ во однос на домувањето и урбаниот развој, да го мобилизираме локалното населени да се вклучи во процесите на донесување одлуки на локално ниво, но и да укажеме кон локалната самоуправа и јавните институции дека поажурно треба да се занимаваат со проблемите“, вели Александра Савевска од „Хабитат-Македонија“, организација којашто заедно со Националниот демократски институт се партнери на „РОМА С.О.С“ во проектот.

А, градоначалникот за Радио Слободна Европа, уште во 2009 година, најави дека ќе бидат преземени мерки за да се подобрат условите за живот на граѓаните во населбата „Три багреми“.

Но, овој пат, тој со одговор:

„Тоа е ваше лично размислување, ниту сум ветил, значи тоа е ваше размислување, има кој да пренесе, и да напоменам дека на оваа средба очекував многу повеќе од ромската популација“, изјави градоначалникот Ристески.

Тој на дебатата што ја организираше невладината „РОМА С.О.С.“ не присуствуваше, дојде само да даде изјава на новинарите. Со тоа го предизвика револтот кај присутните жители од населбата „Тризла“, а ваквото однесување беше и повод за критики на политичките ривали од СДСМ, кои иста така беа поканети на дебатата.

„Да не ја политизирам средбата, значи ако е некој најодговорен за ваквата катастрофална ситуација, за населението во „Тризла“ тогаш тоа е локалната власт што за жал 12 години е на локално ниво“, реагираше Сашо Велески.

„Имавме Декада на Ромите, во тој временски период, мислам дека само декларативно беа посочени проблемите, онака како што и денеска само декларативно се појави претставникот т.е. првиот човек на локалната самоуправа“, упати критики и пратеничката од СДСМ, Кети Смилеска.