Интензивните преговори со партиите од парламентарното мнозинство околу составот на новата Влада продолжуваат, соопштуваат од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. По вчерашните средби со Зијадин Села и Али Ахмети, лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека партиите од мнозинството полека ги приближуваат ставовите и дека главна тема на разговори биле принципите на соработка на новата реформска Влада.
Европската унија и НАТО, владеење на правото и враќање на правната држава, целосна реализација на Охридскиот рамковен договор, чесност, транспарентност и одговорност на власта, се само дел од принципите кои се спомнуваат како клучни за формирањето на владата.
Од СДСМ велат дека најверојатно од денеска ќе почнат разговорите за распределба на ресорите со партнерските партии. Заев вчера изјави дека генерално има согласност околу ресорите, но дека најважно од се бил профилот на луѓето кои ќе раководат со нив.
„Нема сигурно да не успее коалиционата соработка и договор заради ресор повеќе или помалку. Многу се важни имињата. Ако има квалитетни имиња верувам дека тоа ќе ни помогне на сите за да конечно го заокружиме пакетот,“ изјави Заев.
Од партијата Беса велат дека на синоќешната средба разговарале само за принципите околу составувањето на владата. Негираат дека воопшто се разговарало за поделба на ресори и конкретни имиња на потенцијални министри. Велат дека конечна одлука за тоа дали Беса ќе биде дел од новата влада, се уште немаат донесено.
Од Алијансата за Албанците соопштуваат дека утре ќе ги продолжат разговорите со СДСМ. Но, детали околу преговорите не откриваат. Се уште не е познато дали Беса и Алијансата ќе бидат дел од новата владина коалиција, иако Заев изјави дека очекувањата се сите 67 пратеници да стојат зад новото парламентарно мнозинство.
За дел од политичките аналитичари сосема природно и правилно е новата владина коалиција да ги утврди принципите по кои ќе владее и да ги направи најважните реформи во периодот што следува.
„Принципите по кои ќе владеат мора да се точно и прецизно утврдени и секако дека колаиционите партнери почивајќи на тие принципи треба да ги поделат и ресорите коишто ќе ги заземат во новата влада“, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.
Претседателот на Собранието Џафери минатата недела рече дека ќе закаже седница за избор на влада во моментот кога ќе го добие материјалот и дека паралелно со оваа седница ќе се одржува и седница за измени на Изборниот законик, односно за закажување термин за одржување на локалните избори.
Потоа, според Деловникот, за програмата на мандаторот и предлогот за состав на Владата, Собранието води единствен претрес кој трае најмногу два дена. Гласањето за избор се врши за состав на Владата во целина, а треба да заврши најдоцна до полноќ.