Новата влада да не краде и да отвори работни места

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Новата влада да се справи со невработеноста и сиромаштијата

Вработување на млади, поголема социјална грижа, да нема луѓе кои одат по контејнери, бараат граѓаните од идната власт. Новата влада треба да биде потранспарентна, да не се расфрла со пари и да не краде, велат аналитичари.

Секој жител должи во просек по 2300 евра, оти на крајот на март годинава, јавниот долг на Република Македонија бил 4,739 милијарди евра, односно 46 проценти од БДП-то, додека државниот долг е 3,888 милијарди евра или 37,8 проценти од Бруто домашниот производ. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, кои се за 2015 година, 21,5 отсто од граѓаните, односно секој петти човек, живее под прагот на сиромаштија. Невработеноста на крајот на 2016 е 23,7 проценти, односно има над 225 илјади невработени.

Судејќи според овие показатели, идната влада ја очекува многу работа за да им го подобри стандардот на граѓаните. Оние кои ние ги анкетиравме очекуваат отворање на нови работни места за младите.

„Младите без работа да се вработат, оти греота се и затоа не се женат и не се мажат, а вака кога ќе се вработат, ќе се женат и ќе се мажат и фамилија ќе создаваат“, вели пензионерката Спасена Стефановска.

Чедомир Спасовски, кој 40 години живее во странство, исто така заклучува дека е жално што младите се без работа.

„Велат имај трето дете, а нема работа. Прво треба да имаш работа, па после доаѓа другото во животот“, вели Спасовски.

Драган Петковски, пак, порачува новата влада да си работи по програмата, како што си ветиле.

„Сè што е на ред со програмата да си продолжат, да си работат и очекуваме многу поарно да биде. Луѓето да не одат по контејнери, социјалата да е подобра“, вели тој.

Ако се инвестира од страна на владата, тоа да бидат средства во стопанството, а не во нешто што не е продуктивно, вели Апостол Симовски.

„Прво да се обезбедат работни места. Никој не сака да живее од социјална помош, секој би сакал да живее од сопствениот труд“, вели тој.

Новата влада да не се расфрла со пари и да не краде

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ вели дека новата влада треба да води поинакви економски политики од претходната и треба тие политики да ги води на поинаков начин.

Тој вели дека претходната влада водеше про-бизнис политики, чии заштитни знаци беа „Дуинг бизнис“, ниските и рамни даноци, неинвестирањето од страна на државата во јавни добра и услуги, кратењето на работничките права, ниските социјални издатоци. Па затоа, вели тој, овие политики резултираа со - највисока сиромаштија во Европа, највисоки социјални разлики, најлошо здравство, најлошо школство, најголема смртност на работници.

„Затоа, новата влада треба да води дијаметрално различни политики. Треба да воведе правични даноци, т.е. да ги намали даноците за посиромашните, а да ги зголеми за побогатите. Треба да ги зголеми работничките права и општо да води повеќе грижа за работниците. Треба да ја зголеми социјалната помош, треба да ги зголеми средствата што се издвојуваат за здравство и образование. Треба и да ги зголеми јавните инвестиции во инфраструктура“, вели тој.

Јовановиќ вели дека што се однесува до начинот на водење на политиките, претходната влада се одликуваше со голема нетранспарентност и неинклузивност во политиките, неодговорност во трошењата и сеприсутна корупција.

„Затоа, новата влада мора да има потранспарентни буџети, да ја вклучува јавноста при носењето на политиките, да не се расфрла со јавните пари и, народски кажано, да не краде“, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Приоритети на новата влада

СДСМ ветува вработувања и повисоки плати

СДСМ кој треба да ја предводи новата влада во предлог програмата за работа на владата во периодот 2017-2020, пишува дека планираат да вработат 64 илјади луѓе во приватниот сектор, и до крајот на мандатот да ја зголемат минималната плата на 16 илјади денари. Со мерки да се стимулираат и повисоки плата, со што просечната плата да изнесува 30 илјади денари. За да се намали невработеноста од СДСМ предлагаат поддршка за малите и средни претпријатија. Предвидуваат и мерки за младите, а ќе се олеснува и вработувањето на социјално ранливите категории.