Официјалното почнување на преговорите со партиите од парламентарното мнозинство за формирање на Bлада, ги подигна очекувањата на домашната јавност дека Влада може да се формира и пред истекот на предвидениот рок од дваесет дена до кога мандатарот Зоран Заев треба да ја договори владината коалиција.
Социјалдемократите соопштуваат дека преговори ќе има и со Беса и Алијансата за Албанците. Оттаму се надеваат дека формирањето на новата влада ќе се одвива без проблеми и дека е возможно таа да се формира порано од уставно предвидениот рок. Од партијата повторуваат дека за поделба на ресори и конкретни имиња кои би ги воделе немаат разговарано досега, а имињата на можни министри, кои веќе се слушаат во јавноста, ги отфрлаат како шпекулации.
„Сосема е небитно прашањето за ресорската распределба или персоналната распределба на имиња или ресори по политичките партии. Она што е најбитно за Македонија е да ги смениме принципите на функционирање, односно враќање на системот на функционирање во кој граѓаните ќе ја чувствуваат владата за своја," изјави партискиот портпарол Петре Шилегов.
Во дел од медиумите веќе се споменуваат имињата на Рената Десковска како следен министер за правда, Љупчо Николовски за земјоделство, Кире Наумов или Драган Тевдовски за финансии, Кочо Анѓушев како можен вицепремиер за економски прашања итн.
Од партијата Беса потврдија дека се поканети на разговори во седиштето на СДСМ. Иако нивниот став беше дека даваат поддршка Заев да го земе мандатот, а нивниот лидер Биљал Касами тврдеше дека нема да учествуваат во влада во која има осомничени од Специјалното јавно обвинителство, Зекирија Ибраими од оваа партија денеска изјави дека Беса се залага да биде дел од новата влада.
„Иако се залагаме да бидеме дел од новата влада, конечната одлука сепак ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат партиските преговори,“ ни изјави Ибраими од Беса.
Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијансата за Албанците вели дека се уште немаат донесено одлука на централното претседателство за учество во новата влада. Тој соопшти дека не може да се предвиди колку би траеле средбите до составувањето на новата влада, но дека се надеваат на конструктивност од сите партии, зошто народот очекува многу толерантност и вистински чекори од следната реформска влада.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека будно го следат целиот процес, а доколку Заев скршне од патот за кој има потпишано гаранции, тие жестоко ќе реагираат.
Аналитичарите, пак, очекуваат формирањето на новата влада да помине без проблеми.
„Фазата на повторно запознавање помеѓу коалиционите партнери ја поминаа во минатиот период, дури го поминаа и 27 април заедно, така што не верувам дека ним им треба повеќе време за утврдување на принципите на владеење. Иако во јавноста се шпекулира околу имињата кои ќе ги водат одредени ресори, за мене е многу поважно ако успеат во старт да се договорат за начинот на владеење и да го стават начинот на владеење во вистинскиот правец“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Муслиу се надева дека партнерите ќе се договорат и ќе соработуваат во новата владина коалиција и покрај можните недоразбирања помеѓу ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците.