Цаца Николовска – Независно судство не е невозможна мисија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Цаца Николовска – Независно судство не е невозможна мисија

Мисијата за создавање на независно судство во земјата не е невозможна, прашање е само на начин како ќе се изведе. Потребно е обемно преоценување на работата на судиите, и ако сакате и на обвинителите, па и на некои адвокати, вели Маргарита Цаца Николовска, потпретседателка на Врховниот суд на Босна и Херцеговина и поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Цаца Николовска, по насилството во Собранието на 27 април Обвинителството досега идентификуваше триесетина лица од кои повеќето добија кривични пријави за учество во толпа, а само двајца се товарат за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. Дали обвинителството, според вас, е преблаго во тежината на кривичните дела на обвинетите?

Не би можела генерално да зборувам, поради тоа што за тоа имам сознанија исклучиво само преку медиумите, меѓутоа јас ќе кажам дека членот 2 од европската конвенција за човекови права, за право на живот, го шири обемот на постапување, во смисла на тоа да вели дека ако првото на живот е загрозено со средство опасно да го повреди животот, по тој предмет се постапува и се гледа во таа насока дека има некакви елементи кадешто правото на живот е повредено, значи не мора секогаш да биде употреба на пиштол, коешто е смртоносно оружје. Напротив, дури и со нешто појако, коешто може да предизвика смртна последица, може да влезе во орбитата на таквото постапување. Заради тоа сметам дека обвинителството во понатамошната своја работа мора да ги има во превид и овие елементи и да не оди на благото заклучување дека станува збор за учество во толпа. Сите тие што влегоа во Собранието, учествуваа во толпа, но друга е намерата. Сигурно дека намерата не била само да влезат и да покажат дека влегле. Самото упатување и самото водење во прес-центарот и она што се слуша во меѓусебните разговори, укажува дека има одредени елементи на други кривични дела. Во исто време само би посочила дека и организаторите треба да бидат ставени под лупа и тие треба исто така да бидат третирани од страна на обвинителството, затоа што сигурно дека ова не е нешто спонтано.

Во меѓувреме истекува и мандатот на СЈО, а за негово продолжување е потребно двотретинско мнозинство. Како, според вас, СЈО може да продолжи со работа со цел расчистување на скандалот со прислушувањето?

Рокот од 18 месеци се однесува само на покренување на обвиненија. Точно е дека тој рок е многу краток рок, точно е дека во тој рок не можеа многу работи да се испитаат и уште на самиот почеток, барем за мене, краткиот рок ми алармираше дека ќе биде проблем. Меѓутоа она што е најважно е дека во целокупната оваа ситуација опструкциите што ги правеше тогашната владејачка партија беа од таков карактер, што и тој рок не можеше да се почитува. Она што во дадената ситуација може се направи е да се види какви биле опструкциите и секоја опструкција колку временски период на некој начин довела до оневозможување на Специјалното јавно обвинителство да работи и на тој начин како аргумент да се користи, да се презентира или да се земе предвид при одмерување на рокот од 18 месеци. Доколку тоа не се стори, тоа би била огромна дамка на оние коишто ќе гласаат против тоа, во насока да не се сака криминалот да се гони и да се оневозможи тоа. Тоа е нешто коешто понатаму тие што ќе гласаат спротивно на ваквата одлука ќе биде третирано во насока на нивно несакање на владеење на право, на нивно несакање да се процесуира криминалот којшто е евентуално направен. Можна е и онаа опција, најлошата, доколку ќе се утврди дека престанал мандатот на Специјално јавно обвинителство во оваа насока, тогаш тие предмети да се преземат од редовното обвинителство и тоа да продолжи да ја води истрагата таа насока.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави распуштање на судството и негов реизбор. Невозможна ли е мисијата за создавање на независно судство?

Мисијата за создавање на независно судство во земјата секако дека не е невозможна, прашање е само на начин како тоа ќе се изведе. Дека треба големо и обемно преоценување на работата на судиите и ако сакате и на обвинителите, па и на некои адвокати во зависност од учеството и во зависност од спрегата, секако дека треба да се врши и мислам дека тоа не е толку проблематично ако се направи со добра намера и ако се поентираат точните елементи каде судиите и како се однесувале и колку судиите можеле да донесат правилни одлуки, од една страна, засновани секако на закон и на устав, и од друга страна начинот на избор на одредени судии. Ние имаме судии коишто се избрани по тефтерче, ние имаме судии коишто пролетале низ сите судски инстанци, кои покажале на некој начин непрофесионално, неквалитетно право раздавање, ние имаме состојби на селективна правда, на две различни одлуки од ист судски совет, сето тоа се работи коишто укажуваат дека во одредена ситуација непристрасноста не била застапена. Што се однесува до изборот и во делот на независноста, исто така имаме проблематичен пристап и сето тоа со соодветно испитување може да се утврдат елементи и врз основа на тие елементи да дојде до разрешување на тие судии или дисциплински постапки.

Целото интервју со Маргарита Цаца Николовска може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.