Горди: Новата влада ја чекаат нови препреки од ВМРО-ДПМНЕ

Британскиот професор и експерт за Балканот Ерик Горди. Фото: wordpress.com

Ќе има обиди да се создадат препреки за формирање на влада и да се покрене екстремистичка кампања за владата, кога ќе се формира, да се дискретира како ’комунистичка’ и ’антимакедонска“, вели британскиот професор и експерт за Балканот, Ерик Горди.

Доделувањето на мандатот на СДСМ не носи расплет за политичките проблеми и потенцијалната нова влада ја очекуваат сопки и обиди за дискредитирање од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, смета британскиот професор и експерт за Балканот, Ерик Горди.

„Ќе има обиди да се создадат препреки за формирање на влада и да се покрене екстремистичка кампања за владата, кога ќе се формира да се дискретира како ’комунистичка’ и ’антимакедонска’. Веќе имаме докази за волјата на ВМРО-ДПМНЕ да користи насилство за да се меша во работата на институциите“, вели Горди во интервју за Радио Слободна Европа.

За него, зад одлуката на Иванов по пет месеци конечно да го додели мандатот на СДСМ стои или закана од потенцијално правно гонење или пак договор за имунитет. Каков е договорот, според него, ќе може да се претпостави од следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ, односно дали лидерите на партијата ќе ги снема од јавноста, дали ќе се однесуваат со почит кон институциите или пак ќе продолжат со насилните инциденти.

Обидите на Русија и Србија преку медиумите да го зголемат стравот и паниката од закана за меѓуетнички конфликт покажува дека постои силна медиумска пропагандна машинерија која може во секој момент да се искористи за одредена цел.

Горди е критичен кон моќта на ЕУ во регионот, забележувајќи дека целата ситуација покажала дека Унијата има мал кредибилитет и влијание во регионот без помош на САД.

Подготви: Миркица Поповиќ