Градоначалниците работат и чекаат што натаму

Управниот одбoр на ЗЕЛС на итна седница за локалните избори.

Општините продолжуваат со работа, но градоначалниците не потпишуваат документи откако им истече мандатот. Тие очекуваат брзо решавање на проблемот, откако партиите ќе договорат термин за избори.

Градоначалниците одат на работа, но не потпишуваат документи откако и официјално на полноќ им заврши мандатот. Парламентарните партии, како што беше соопштено, се согласија локалните избори евентуално да се одржат во октомври. На веб страната на Собранието засега нема закажано седница за потребните законски измени со цел распишување на изборите.

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски вели дека од престанокот на мандатот општините повеќе не функционираат како институции.

„Ние имаме само физичко присуство во општината. Значи секторите си функционираат во рамки на своите надлежности. Примаат странки и вршат консултации, контроли на започнати објекти и итн. Јас не потпишувам никакви документи и плаќања. Меѓутоа очекуваме брза разврска“, истакнува Дамјановски.

За тоа дали имаат најава за закажување на седница Дамјановски додава дека засега конкретен датум нема.

И градоначалникот на Чаир, Изет Меџити посочува дека одат на работа и на средби со граѓани, но без да потпишуваат документи. Во моментов, како што истакнува, не функционира локалната власт, а нема ни Парламент, ни Влада, туку само Претседател, кој не ја извршува функцијата, онака како што треба. Но, тој очекува по договорот на партиите, брзо да се реши проблемот.

„Штом партиите се договорија за датум, би требало брзо да се донесе одлука за да се одблокираат општините, бидејќи ова ги тангира сите граѓани и сето она што е под надлежност на општините, како обрзованието, урбанизмот, јавни претпријатија, хигиена и сè останато од секојдневниот живот на граѓаните“, порачува тој.

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски истакнува дека сите се на работа.

„Она што треба граѓани кои имаат проблеми, претежно советодавни ги остваруваме. Архивата и документи за вадење на градежни дозволи и слично функционира. Само потписите кои предизвикуваат финансиски импликации не функционираат. Буквално ниту едно возило не може да излезе надвор од општината, бидејќи не може да потпишеме патен налог“, вели Јакимовски.

Тој додава дека нема право законодавната и извршната власт, согласно Уставот да го загрозува функционирањето на локалната самоуправа и за тоа е само потребен Парламент, а не и Влада.

Од Државниот инспекторат за локална самоуправа соопштија дека изнесените тврдења за мандатот на градоначалниците се произволни и несериозни. Мандатот на советниците, според инспекторатот истекол на 24 март, но согласно законот градоначалниците можат да извршуваат техничка функција до крајот на годината и не смеат да прекинат да функционираат, инаку ќе се соочат со законски санкции.