Оружената пресметка во куманoвската „Дива населба“ пред две години, политичката криза проследена со постојани партиски обвинувања на меѓунационална основа и постизборниот период, беа моменти во кои можеа да пламнат меѓуетничките односи, но тие го поминаа тестот и покажаа дека граѓаните сакаат промени и меѓуетнички стабилна држава, која постоела со децении.
Професорот Мирјана Малеска, вели дека во изминатите 10 години се покажа дека не е невозможно да се одржат меѓуетнички односи, но оти сепак беше тензично и нерелаксирано поради низа пропусти на владеачката гарнитура, која има облици на национализам.
„Најтешки се ситуации кога ќе дојде власт која е националистичка или оној прекален национализам како што имавме до сега ситуација. Во тој случај не e невозможно да се одржуваат меѓуетничките односи, но цената е скапа поради затвореното општество каде врвот горе си ги дели бенефитите од тоа владеење, при што и корупција се развива во таквото општество Тоа е таа цена која е премногу скапа“, изјави Малеска.
Според неа, значаен дел од граѓаните без разлика на етничката припадност кажале дека бараат поинаков концепт на водење на државата на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Тие не ги поддржуваат чекорите на политичарите кои се насочени исклучително на етнички теми, вели Малевска.
Taa уште наведува дека покрај тоа што граѓаните се заинтересирани за промени, заинтересираноста на САД и ЕУ да се одржи стабилна ситуација ги одржува меѓуетничките односи не едно релативно стабилно ниво.
„Добар дел од граѓаните сакаат промена. Не сакаат таков тип режим кој е затворен и корумпиран. И добар дел од Албанците гласаа за партии кои сметаат дека треба да има демократски промени. Тоа е она што ги одржува меѓуетничките односи покрај меѓународната заинтересираност Македонија да се одржи стабилна и да не се менуваат границите со сила“, вели професор Малеска.
Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ наведува дека во изминатиот период јавноста е сведок на созревање на граѓанското општество и на политички и на општествен план. Тој вели дека граѓаните се тие кои дале отпор и се одалечиле од внатрешното дестабилизирачко влијание. Според него, тоа му дава нов квалитет на живеењето.
„Она што ги спoи сите заедници е ревoлтот и стремежот кон демокрaтија, наместо системскиот обид да се внесе тензија и нa тој нaчин полесно да се владее во општеството“, вели Дерала.
Во врска со улогата на политичките субјекти врз меѓуетничките односи, Малеска вели дека е клучно власта да ги зајакнува пораките со кои ќе им овозможува на сите граѓани да бидат еднакви, а таа да се занимава со теми кои сите ги засегаат.