Ризикот од дестабилизација ја забрзува евроинтеграцијата

Секретаријатот за европски прашања организира „Појадок со ЕУ“.

Забрзаната евроинтеграција на Македонија е реално сценарио, велат аналитичари и додаваат дека за да дојде до тоа, прво треба да се убеди Грција. Тоа што регионот предолго е во чекалната на ЕУ, остава простор за влез на други играчи.

Намалениот кредибилитет на Европската унија, но и влошената политичка ситуација во земјава последните неколку месеци, можат да бидат причина за забрзување на процесот на евроинтеграција на Македонија, оценуваат упатените.

Јасни се пораките од европските дипломати дека доколку Македонија успее да се извлече од кризата, тогаш ЕУ ќе и помогне и ќе ја поддржи новата влада преку отворање на преговорите за членство, вели Бојан Маричиќ од Eвротинк - Центар за европски стратегии. Тој сепак додава дека за да дојде до тоа, потребно е да се убедат државите членки, особено Грција.

„Мислам дека не само влошувањето на безбедносната состојба во регионот и политичките тензии влијаат на тоа, но влијае и фактот дека се подготвува Брегзит, излегување на една голема држава членка и тоа може да биде можност за ЕУ да покаже успех дека останува посветена на натамошното проширување и да го забрза процесот на приемот на западниот Балкан во ЕУ, зошто оставајќи не предолго во чекалната се отвара можност за други играчи да влезат во регионот и да вршат свои политички, воени и секакви други влијанија, како што се Русија,Турција итн.“, изјави Маричиќ.

И за политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, забрзаната евроинтеграција на Македонија е реално сценарио.

„Случувањата во Македонија, односите Косово-Србија, како да ја мобилизираа Европската унија и размислувањата дека треба позабрзано да се оди кон тоа Западниот Балкан да биде дел од Европската унија, затоа што на крајот на краевите самите случувања се проблем за Унијата. Oва што се случува во Македонија има индикации дека целата Унија е заинтересирана за стабилизирање на состојбата и да се поттикнат потребните реформи за влез во евроатланските структури“, вели Рамадани.

Аналитичарите велат дека освен отварањето на преговорите за членство, поконкретен чекор напред би бил прием во НАТО, но и за тоа е потребна поддршка од државите членки и да се убеди Грција дека е неопходно Македонија во овој момент да добие поддршка од ЕУ за да не навлезе во непосакувани црни сценарија.

„Во прво време ќе биде важно политичката волја и посветеност на реформите. Секако немаат илузии дека тоа ќе оди лесно, но извештајот на Прибе и сите реформски приоритети исцртаа некаков патоказ за тоа кои треба да бидат приоритетите. Новата влада заедно со ЕУ, граѓанското општество и опозицијата ќе треба да ги утврдат тие приоритети, реформи во судство, полицијата, медиумите, изборите, во јавната администрација итн.“, посочува Маричиќ.

Рамадани вели тие се свесни и знаат дека ние не сме покажале некој посебен капацитет да ги забрзаме тие реформи, што се бараат од нас, но дека најверојатно ќе се случи некаква политичка одлука.

Во меѓувреме грчките медиуми пишуваат дека нивната влада будно ја следи ситуацијата во Македонија и дека западен Балкан се соочува со опасност од дестабилизација поради „Скопје“. Шефот на дипломатијата Никос Коѕиас минатата недела испрати порака за поддршка за стабилноста во Македонија со очекување дека ќе се почитуваат принципите на демократијата.