Емануел Макрон е избран за претседател на Франција

Франција - Екран кој прикажува дека Макрон освоил над 65 отсто од гласовите. 07.05.2017

Макрон е избран за нов претседател на Франција, по победата на изборите која дојде како олеснување за голем дел од Европа и нејзините сојузници кои стравуваа од уште еден шок откако Британија ја напушти Европската унија.

Про-европскиот центрист Емануел Макрон денеска е избран за претседател на Франција, лесно поразувајќи ја крајно-десничарската националистка Марин Ле Пен во вториот круг од претседателските избори.

Излезните анкети по завршувањето на гласањето покажаа убедлива победа на Макрон. Три проекции покажуваат дека тој добил над 65 проценти од гласовите, додека Ле Пен освои околу 34 отсто.

Изборната трка вчера започна со хакерски напад врз тимот на кампањата на Макрон, на часови до почетокот на гласањето.

Макрон е 39-годишен поранешен министер за економија и банкар кој исто така победи во првиот круг од претседателските избори во Франција на 23 април. Тој водеше про-европска кампања, додека неговата противничка Ле Пен водеше анти-миграциска кампања и сакаше Франција да ја напушти Европската унија и валутата евро.

Изборите беа кулминација на поларизираната кампања во која 48-годишната Ле Пен го претстави 39-годишниот Макрон како елитист кој е мек кон исламскиот фундаментализам и другите потенцијални закани за француската држава.

На дебатата меѓу двајцата кандидати на 3 мај во Париз, Макрон ја нарче Ле Пен „голема свештеничка на стравот“, а дневниот весник „Ле Монд“ дебатата ја нарече „брутална“ и „насилна“ од почетокот до крајот.

Ле Пен е шеф на партијата Национален фронт основана од нејзиниот татко. Таа се залагаше за напуштање на еврото во замена за францускиот франк, велејќи оти еврото е „валута на банкарите, а не валута на луѓето.“

Макрон политиката за еврото на својата противничка ја нарече „голема бесмислица на програмата на Марин Ле Пен.“

Освен разликите за домашната политика, двајцата кандидати исто така имаа многу различни ставови и за надворешната политика.