Франција избира претседател

Франција - Заедничка фотографија на претседателските кандидати Марин Ле Пен и Емануел Макрон.

Франција денеска бира нов претседател. Во осум часот беа отворени гласачките места на кои 47 милиони Франацузи ќе одлучуваат кој ќе биде новиот шеф на државата.

Гласачките места денеска се отворени за вториот круг од претседателските избори во Франција, кои ќе утврдат дали земјата го прифаќа својот статус како водечка членка на Европската унија (ЕУ) или ќе се движи по патот на „Фрегзит.“

Центристот Емануел Макрон водеше проевропска кампања, додека крајно-десничарската националистичка лидерка Марин Ле Пен сака Франција да ја напушти ЕУ и да се откаже од еврото.

Изборите се кулминација на поларизираната кампања во која 48-годишната Ле Пен го претстави 39-годишниот Макрон како елитист кој е мек кон исламскиот фундаментализам и другите потенцијални закани за нејзината визија за француската држава.

„Единствената стратегија на Ле Пен е да му наштети на Макрон, да го наслика како глобалистички кандидат со политички пристап и политики кои се опасни за Франција“, вели за РСЕ Мартин Мишелот – заменик директор на Институтот за европска политика „EUROPEUM.“

Макрон имаше водство на анкетите по првиот круг на претседателските избори на 23 април, кои покажаа дека поранешниот инвестициски банкар има 62 отсто, во однос на 38 проценти на неговиот ривал на анкетите на 5 мај.

Макрон ја нарече Ле Пен „голема свештеничка на стравот“ на дебатата меѓу кандидатите на 3 мај во Париз, при што дневниот весник „Ле Монд“ дебатата ја нарече „брутална“ и „насилна“ од почетокот до крајот.

Обвинета дека била премногу емоционална за време на дебатата, Ле Пен за радио „РТЛ“ изјави: „моите зборови не се ништо друго туку израз на гнев кој ќе експлодира во оваа земја.“

Макрон се спротивстави: „Ле Пен не зборува за никого, Ле Пен експлоатира гнев и омраза.“

Ле Пен која е шеф на партијата Национален фронт основана од страна на нејзиниот татко, се залага за напуштање на еврото во замена за францускиот франк, велејќи оти еврото е „валута на банкарите, тоа не е валута на луѓето.“

Макрон политиката за еврото на својот противник ја нарече „голема бесмислица на програмата на Марин Ле Пен.“

Освен разликите за домашната политика, двајцата кандидати исто така имаа многу различни ставови за надворешната политика.

„Ле Пен ќе сака да има многу поблиска соработка со Русија во борбата против тероризмот во Блискиот Исток, исто така ќе отвори линии за политички преговори со Иран кој на пример оди целосно спротивно на целите на САД и може да доведе до судир со САД и претседателот Доналд Трамп“, вели Мишелот.

Меѓународната политика на Макрон во голема мера ќе биде продолжување на курсот поставен од сегашниот претседател Франсоа Оланд, во чија влада Макрон ја извршуваше функцијата министер за економија од 2014 до 2016 година.

„Макрон е политичар кој никогаш во својата кариера не се занимавал со прашања од надворешната политика, така што може да очекувате многу предвидливост во тимот на Макрон“, вели Мишелот.