ВМРО-ДПМНЕ не ги открива конкретните чекори на дејствување

Од партијата демантираат дека се подготвува смена на лидерот Никола Груевски. Велат дека ќе дејствуваат согласно Уставот, законите и државните интереси, но не кажуваат дали тоа ќе го прават преку институциите или од улица.

Во периодот што следува ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува како одговорна партија и со сите демократски средства во согласност со Уставот, законите и највисоките државни и национални интереси, соопштуваат од партијата. Дали тоа значи дејствување во институциите или надвор од нив, не прецизираат.

На нашето прашање дали ги поддржуваат протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, одговараат дека граѓаните имаат легитимно и демократско право да се организираат и да протестираат против политики кои сметаат дека се штетни за иднината на државата.

Во меѓувреме информациите во дел од медиумите дека во партијата се подготвува терен за наследник на Никола Груевски, односно нов партиски лидер, од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат како лажни.

„Никола Груевски ја има максималната поддршка и на Извршниот и на Централниот комитет. Најважно од се е тоа што Никола Груевски е политичарот кој има убедливо најголема доверба меѓу граѓаните“, се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот аналитичар Александар Даштевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема друга алтернатива освен да дејствува во рамки на институциите на системот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не смеат да дозволат во Собранието да помине албанската платформа, зошто таа е на штета на државата и македонскиот народ, истакнува Даштевски.

„ВМРО-ДПМНЕ мора да се однесува во рамките на институциите на системот, да ја изиграат својата улога во Собранието, со кочење на законите за двојазичност, за федерализација, платформата за геноцид итн. Тоа се работи кои се на штета на македонскиот народ и не верувам дека ќе успеат да се спроведат, затоа што гледаме дека опозицијата се заканува со закони, а не со промена на Устав“, изјави Даштевски.

Покрај тоа, Даштевски смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да поднесе иницијатива до Уставен суд за преиспитување на одлуката за избор на нов претседател на собранието, за која сметаат дека е противзаконска и со која се повредени повеќе закони како и членови на Деловникот.

Во меѓувреме, протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ продолжуваат, а според Даштевски ВМРО-ДПМНЕ треба јавно да ги поддржи.

„Мислам дека тие треба да ги поддржат јавно затоа што имаат слични барања, освен политичките барања на ВМРО-ДПМНЕ. Во иницијативата се главно аматери, актери,пејачи, режисери итн, тие бараат само предвремени избори, но тие не се политичари. Покрај тоа што ВМРО ДПМНЕ треба да се бори за нови избори, кои се дел од барањата на „Заедничка Македонија“, треба да се бори и за другите политички работи, а круна на тоа да се нови парламентарни избори, за кои сум уверен дека наскоро ќе се одржат“, изјави Даштевски.

Даштевски смета дека новата реформска влада која би се формирала нема да може лесно да ги спроведува потребните реформи бидејќи за најголемиот дел од нив е потребно двотретинско мнозинство или согласност од ВМРО-ДПМНЕ.