На наредното рочиште за „шамарите“, судот, ако треба, ќе приведува обвинети

Архивска фотографија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и неговиот адвокат Никола Додевски пред Кривичниот суд во Скопје по судење за „шамарите“ за Жерновски на 22 февруари 2017

Рочиштетот за насилството во Центар за предметот на СЈО е одложено за 28 јуни поради отсуство на пет обвинети. СЈО побара притвор за отсутните, додека Судот пак, побара оправдување од одбраната и издаде наредба за присилно доведување еден обвинет на следната главна расправа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, со лично обезбедување и со портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев од времето кога Груевски беше премиер, пристигна во Кривичниот суд од службен влез. Тој доцнеше десет минути на рочиштето на предметот на Специјалното јавно обвинителство за насилството во Општина Центар, познат во јавноста како „шамарите за Жерновски“. Груевски е првообвинет во случајот.

„Влегувањето на дел од обвинетите од службениот влез на Судот е спроведено по безбедносни проценки на нивното обезбедување, кое е од редовите на МВР“, велат од Судот во писмена реакција.

И покрај присуството на првообвинетиот Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова, судењето беше одложено, затоа што на Суд не се појавија пет обвинети, од кои четворица не доставија ниту образложенија, зошто и покрај уредната покана не се појавија.

Обвинителот од тимот на Катица Јанева, Гаврил Бубески, во Судот побара одредување мерка притвор за обвинетите кои не се појавија на рочиштето, по што судијката Татјана Михајлова остави рок тие да достават оправдување за нивното отсуство.

„Се одложи рочиштето поради неприсуство на дел од обвинетите, а причините поради кои не присуствуваа никој не ги соопшти. Не знаеме до каде е постапката по жалба во однос на издвојувањето на доказите, а обвинителката Фатиме Фетаи не е повлечена од овој предмет, таа е службено отсутна, односно е во странство, па на следното рочиште ќе го застапува обвинението“, изјави Бубевски по рочиштето, пред медиумите.

Одбраната на тоа се противеше, истакнувајќи дека штом не дошле, сигурно имале сериозна причина, а таа можеби е од здравствен карактер.

Од Судот велат дека ја задолжиле одбраната во рок од осум дена да достави оправдување за нивното отсуство. Што се однесува до едно лице кое по втор пат не присуствува на главна расправа, Судот издаде наредба за негово присилно доведување на следната главна расправа, се вели во соопштението.

На рочиштето како оштетена странка се појавија и советниците од Општина Центар, како и градоначалникот Андреј Жерновски кој посочи во Судот дека сам ќе се застапува по предметот.

„Храбар и силен позади телефонот, уплашен и кукавица во Судот, внатре кога е присутен, поранешниот претседател на Владата, денеска претседател на најголемата опозициска партија, повторно побегна од правдата. Сето тоа очигледно го прави, затоа што се крие зад партизираното судство, но бидејќи ова се последните минути на Груевски, верувам дека се и последните мигови на партизираното судство“, изјави Жерновски.

Тој смета дека начинот на кој пристигна Груевски во судницата, влегувајќи од службен влез, откако судијката Михајлова почна со прозивките значи дека сè уште демонстрира моќ и сила.

Тој додава дека ова судење е демант на изјавата на Груевски во интервју дека никогаш не повикал на насилство. Жерновски вели дека без санкционирање на ова дело не може да се излезе од кризата, затоа што веќе 10 години Македонија се наоѓа во терор кој го нарачува и спроведува Груевски.

Следното рочиште е закажано за речиси два месеци од сега, на 28 јуни. До тогаш се очекува Врховниот суд да одлучи дали таканаречените бомби може да се користат како докази во судската постапка. Во меѓувреме ниту Апелациониот суд не се произнесе по жалбата на СЈО против одлуката на Михајлова, со која не се дозволува употреба на прислушуваните разговори како докази во постапката и не се дозволува употреба на заштитен сведок, кој според СЈО ќе сведочи за лукративните интереси кои стојат зад нарачката на насилството во општината Центар.

Бубевски не сакаше да ги коментира ставовите на Врховниот суд.

„Не би можел да ги коментирам ставовите на Врховен суд. Сепак мислам дека тоа е највисока инстанца во Македонија и дека на крај ќе дојдат до заклучокот до кој што и ние дојдовме“, рече накратко Бубевски.

Жерновски, пак смета дека тоа е една од стратегиите со цел на секој можен начин да не се признаат „бомбите“.

„Јасно е дека се плаши од материјалите кои ги има СЈО, материјали кои што докажуваат дека тој е тој што нарачува политичко и физичко насилие и нарачува линч врз политичките противници. Се надевам дека ќе има правда во Македонија и дека ќе одговара за се што направил“, вели Жерновски.

На ова од ВМРО-ДПМНЕ реплицираат со писмено соопштение во кое велат дека правда ќе има и дека ќе се докажело оти, како што велат, театарот кој што го прави СДСМ е со единствена цел да се оцрни ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски по одложувањето на денешното рочиште ги одбегна новинарите излегувајќи од спореден влез на Основниот суд Скопје 1.

Во овој предмет се обвинети 14 луѓе.