ВМРО-ДПМНЕ засега глува на пораките од Хојт Ји

Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји на средба со претседателот Ѓорге Иванов

Ден по пораките на американскиот функционер Хојт Ји, од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со сличен тон, но аналитичарите сметаат дека нема да се повтори насилство како минатата недела. Единствено одредени промени препознаваат во позицијата на претседателот Ѓорге Иванов.

Првите соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ испратени по средбата со заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Брајан Ји не ветуваат голема промена во нивните ставови, но аналитичарите сметаат дека нема да се повтори сцена како крвавиот четврток во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението по средбата на нивниот партиски лидер Никола Груевски со американскиот функционер остана на ставот дека Талат Џафери е избран на неуставен и нелегитимен начин, а дека СДСМ предизвикал гнев кај народот. Денеска, пак, побара од институциите да не приведуваат, како што пишуваат, недолжни луѓе, брзајќи да покажат некаков резултат од настаните во четвртокот, а го повика Судот да внимава при носењето на одлуките. Спротивно од ова Хојт Ји, вчера со Џафери се сретна во Парламентот, побара да се овозможи формирање влада и расчистување на, како што рече, кукавичките напади од четвртокот.

Американскиот претставник не кажа ништо ново од тоа што демократскиот свет го зборува уште по изборите - дека резултатите од изборите треба да завршат со формирање влада, а несогласувањата треба да се разрешуваат во парламентот, вели поранешниот министер за надворешни работи, универзитетскиот професор Денко Малески. Сепак, нагласува Малески, никој не може да биде во главите на челниците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Но, мислам дека притисоците од надвор се многу сериозни и дека по ова што се случи во Парламентот јасно е чија е вината за насилството и дека ако продолжат на тој начин да ја водат политиката државата ќе ја поведат во многу сериозни проблеми“, вели Малески.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, ВМРО-ДПМНЕ може да прави опструкции, паралелни седници, да не го признава Џафери за претседател на Собранието, но настаните од четвртокот, според него, нема да се повторат.

„Тие недостатоци во начинот на функционирањето на МВР ќе бидат надминати од министерот Агим Нухиу. Вељаноски може да ја собира својата пратеничка група и да одржува разни состаноци, но бидејќи нема кворум, ниту мнозинство, согласно бројките во Парламентот, тоа ќе бидат само неформални средби“, вели Муслиу.

Единствено одредена промена засега по средбата со Ји, се препознава во соопштението испратено од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов. Тој побара од лидерот на СДСМ заедно со коалиционите партнери да одат кај него со гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот.

„Мислам дека ќе добие такво уверување и дека веќе нема да има изговор да не го даде мандатот“, вели Малески.

Од СДСМ денеска преку соопштение најавија дека новиот, како што пишуваат, легитимен претседател на Собранието ќе испрати известување до Иванов дека е формирано демократско легитимино мнозинство и дека Иванов е должен да го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за формирање Влада.

„На Иванов ќе му биде предочено уште еднаш тоа што го знаат сите, дека постои програмата на новата реформска Влада што во целост ја гарантира унитарноста на Македонија, работа според Уставот и евро-атланстските перспективи на државата со што ќе бидат разбиени сите неразумни аргументи со коишто Ѓорге Иванов ги брани всушност криминалните интереси на Никола Груевски“, наведоа од СДСМ.

Американскиот функционер Ји вчера рече и дека на сите состаноци од сите лидери и претставници слушнал дека се посветени на демократска унитарна држава и на основните демократски принципи, на мирен трансфер и мирно решение на конфликите и на барање решенија што се инклузивни и нема да остават никој изолиран. Порача дека треба да се овозможи формирање влада со нова владина програма а дека тоа е ставот што го делат САД, ЕУ, НАТО и Берлин.