И покрај „скршените глави“ морален победник по синоќешните насилства во Собранието е новото парламентарно мнозинство, затоа што функционерите на ЕУ и САД јасно ја изразија својата поддршка на новиот претседател на Собранието и го осудија упадот во Парламентот, изјави поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин. Тој оцени дека од меѓународната заедница се можни и поостри чекори доколку и натаму се опструира процедурата за избор на новата Влада, на новото парламентарно мнозинство. Тој истакна дека во Македонија вчера беше нападната демократијата и оти осуда пристигнува од секаде.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Во светските медиуми сите го осудија вандализмот и варварството на националистите. Тие се третирани како националисти. Тоа го има и на Си-Ен-Ен и на Евро-Њуз. Тоа го имаме и од Себастијан Курц, кој раководи со ОБСЕ. Исто така осуди пристигаат и од ЕУ, од НАТО и од САД“, вели Ружин.
Тој нагласи дека признавањето на легитимитет во изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е многу силна порака од функционерите на ЕУ и САД, која отвара нови простори за решавање на кризата, односно за избор на проевропска и проатлантска влада. Тој додаде дека очекува меѓународната заедница да реагира.
„Очекувам Хојт Ји кога ќе дојде практично на лице место да го потврди и легитимитет по процедурата во изборот на новиот претседател на Собранието и воедно да повика за признавање на одлуката за донесувањето на избор на новата Влада. И секако дека тука работите нема да престанат. Тоа што го најавуваа Брисел и Вашингтон можни се санкции по индивидуална основа. Виновници има повеќе, пред сè од владејачката политичка елита која беше на власт", вели Ружин.
Инаку Ружин дополни дека не верува во синоќешната осуда на насилствата од Груевски по неговото враќање од Виена, оценувајќи дека во таа има голема доза на цинизам, бидејќи претходните денови и Груевски и Иванов и други функционери од ВМРО-ДПМНЕ повикуваа на народ. Тој оцени дека Иванов денеска неуспешно се надева дека ќе има средба на лидерската четворка, а според него во толпата во Собранието можело да се видат и професионални тепачи и луѓе кои припаѓале на некои единици, особено оние кое биле со фантомки.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу сега се очекува новото парламентарно мнозинство да разгледаат и да одлучат дали новиот претседател на Парламентот Џафери ќе го извести Иванов за новото мнозинство или ќе одат по некој друг пат.
Ситуацијата е многу јасна, рече Муслиу, посочувајќи дека претставниците од ЕУ и САД веднаш го поздравија изборот на претседателот на Парламентот. Според него, секое опструирање на процесот значи опструирање на органи кои се избрани на легитимни избори и во тој случај, како што вели, секако дека треба да се преземаат поостри мерки, не само од меѓународните претставници, туку и тука.
„ Целиот тој процес не смее да прекине. Во целиот овој процес секој кој ќе опструира, кој насилно ќе се однесува, секако дека ќе се соочи со правдата по завршувањето на целиот тој процес. Мислам дека нашите меѓународни партнери силно ќе го поддржат процесот, а сите што опструираат, со тоа ќе си сносат и одговорност“, изјави Муслиу.
Тој дополни дека сепак не верува дека во Македонија во наредниот период може да има ескалација на состојбите и оти некој ќе се обиде да ја опструира новата влада.