Предавање на кабинетот на новиот претседател на Собранието на Република Македонија кој ќе испрати писмо до претседателот Ѓорге Иванов за да биде доделен мандатот за состав на новата влада. Ова како што соопшти попладнево на прес конференција го очекува претседателот на СДСМ Зоран Заев. Ден по насилните инциденти во кои од маскираните демонстранти добија ќотек Заев оцени дека тоа било обид за убиство со умисла и со план.
„Одлуката е во сила која е донесена, 67 пратеници учествуваа во целокупната процедура од 120 пратеници. Сите ја следеа целата процедура,61 од 67 присутни гласаа за претседател да биде Талат Џафери и апсолутно не очекувам никакви пречки при примопредавањето на функцијата од претседавачот Вељаноски“ рече Заев.
Тој ја одби понудата за лидерска средба од Иванов прашувајќи каде, дали на на Клинички центар со Зијадин Села од Алијансата за Албанците кој вчера беше посериозно повреден.
„Апсолутно нe ни размислуваме. Ѓорѓе Иванов посочив е еден од директните виновници за тоа што се случи во Македонија и не дај Боже никогаш да се повтори тоа. Тој е дел од кризата, тој не може да биде никако решение на кризата“ рече Заев.
Претходно лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека најостро го осудува вчерашното насилство во Парламентот а случувањата ги нарече кукавички чин кој ја нарушува сликата за Македонија.
Тој упати апел за смиреност со цел конфликтот да не прерасне во меѓуетнички и порача дека нема да учествува во лидерската средба која ја свика претседателот Ѓорѓе Иванов. И според него, Иванов е дел од проблемот и затоа не треба да учествува во негово решавање.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата што ја закажа за во 3.00 часот по полноќ, а ја одржа во 4.20, побара институциите да направат брза и ефикасна истрага за насилствата во Собранието, да ги откријат насилниците и да ги изведат пред Суд. Тој рече дека ги осудува насилствата кои ги направиле поединци и побара да не се ставаат во ист кош граѓаните кои мирно протестираат со оние кои вчера биле насилни.
За Груевски, СДСМ ги зголемил тензиите
Тој сепак ги обвини СДСМ и другите партии кои ги поддржуваат дека со обидот за незаконски избор на претседател на Собранието свесно придонеле за зголемување на тензиите и се директен причинител на насилствата. Не откри многу за нивните потези, наведувајќи дека во наредните денови партијата ќе ги објави своите следни чекори, но, како што рече тие остануваат на страна на народот, Уставот и националните интереси.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За меѓународната јавност, пак, веднаш по настаните се чини немаше дилема дека насилството мора да се осуди.
„Тоа што го видовме вчера во Скопје е посебно загрижувачки и многу тажно мислам за сите нас. Насилството е секогаш неприфатливо, дотолку повеќе кога се случува во домот на демократијата, во Парламентот. Веруваме дека сите во Скопје треба да ги следат уставните принципи, демократијата и да се обидат да ја изнесат земјата надвор од сериозната криза која може да биде опасна“, рече шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг соопшти дека бил шокиран од насилството во македонскиот парламент и ги повика сите страни на дијалог и почитување на демократските процеси.
„Сите страни да се ангажираат во дијалог, а не насилство“, напиша Столтенберг на Твитер.
Меѓународната заедница со поддршка за парламентарното мнозинство
Уште синоќа реагираше американската амбасада во Македонија. Тие најостро ги осудија насилните напади во Собранието и порача дека насилството не е во согласност со демократијата и не е прифатлив начин да се решат разликите.
Во реакцијата на амбасадата на САД се потенцира дека е критично сите партии да ги почитуваат демократските процеси и да се воздржат од насилни активности кои ја влошуваат ситуацијата. САД потенцираат дека ќе работат заедно со новоизбраниот спикер на Парламентот Талат Џафери за да се поддржи демократијата, што е во интерес на Македонија.
И еврокомесарот за проширување Јоханес Хан најостро ги осуди нападите врз пратениците.
„Насилството нема место во Парламентот. Демократијата мора да оди по својот пат“, напиша тој на Твитер.
Во своите првични соопштенија и од ЕУ и од САД се наведува дека тие ќе работат со новоизбраниот претседател на парламентот Џафери.
До насилствата синоќа всушност дојде откако парламентарното мнозинство го избра Џафери за претседател и тој заедно со лидерот на СДСМ Зоран Заев држеа прес-конференција. Во салата во која беа политичарите и новинарите упаднаа маскирани лица кои ги тепаа политичарите.