Нема конечен одговор на дилемите дали прислушуваните разговори ќе се користат како докази во судска постапка, ниту кој е конкретно надлежен за барање за заштита на законитоста како што побара Републичкото јавно обвинителство под раководство на Марко Зврлевски за осомничениот Сеад Кочан во предметот на СЈО Труст. На општата седница на Врховниот суд се расправало за 20 точки, но не и за „бомбите“. Таа точка е одложена на неодредено, а за неа судиите ќе се консултираат со експерти. Ова значи дека Врховниот суд не зазема начелен став по овие прашања и дека повторно ќе дискутира за нив.
Од Врховниот суд велат дека со тесно мнозинство, судиите не донесоа начелен став за прашањето дали Републичкото јавно обвинителство ќе има ексклузивно право да поднесува барање за заштита на законитоста, што значи дека ЈО и натаму ќе може да го користи овој вонреден правен лек за свои предмети и за предмети на Специјалното јавно обвинителство. Односно Зврлевски и натаму, во секој дел од постапките на СЈО ќе може да бара проверка или преиспитување на законитоста на нивните постапки.
Но, и СЈО ќе го има тоа право,ама само за нивните предмети, односно нема да може да го прави тоа за предмети на ОЈО поради, како што објасни Вангеловски, точно определената надлежност на специјалното обвинителство.
„Апсурдно е тоа што Специјалното јавно обвинителство побара да се повлече поднесеното барање за заштита на законитоста на Јавното обвинителство околу притворот на Сеад Кочан, изјави на брифинг со новинарите претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.
Тој негира дека со ова Јавното обвинителство станува контролор на работата на Специјалното јавно обвинителство, затоа што, како што вели, овој вонреден правен лек бил и претходно во надлежност на ЈО.
Во меѓувреме, наскоро Врховниот суд ќе го разгледува барањето на Основното јавно обвинителство за заштита на законитоста за притворот на Сеад Кочан кој веќе втор месец е во бегство, а е осомничен во предметот Труст на СЈО.
За предметот за Сеад Кочан, пак, од Судот соопштија дека судијката Лидија Неделкова е изземена од случајот по барање на одбраната на Кочан и дека барањето ќе го разгледува нов судски состав.
„Нема пречки Кривичниот совет на Врховниот суд чиј претседател сум јас да одлучува за БЗЗ на Јавниот обвинител на РМ за случајот Кочан“, потврди Вангеловски.
На таа седница ќе биде повикан само обвинител од Јавното обвинителство, не и од Специјалното јавно обвинителство каде што е покрената истрага против Кочан во предметот „Труст“.
Вангеловски вели дека судијката Неделкова е изземена од два предмета поврзани со СЈО по барање на одбраната на осомничените Едмонд Темелко и Сеад Кочан, поради сомневање дека таа ќе биде пристрасна затоа што според доставените докази до Судот, нејзиниот син е во некаков договорен работен однос со СЈО.
„Како еден од доказите кои ги земав предвид е една од многуте преписки што ги имавме со СЈО каде што покрај печатот во потпис на службено лице на доставницата што ни се врати стои името и презимето на нејзиниот син, “ изјави Вангеловски.
Дополнително предметите за преиспитување на мерките за притвор каде што се осомничени градоначалниците Едмонд Темелко и Владимир Талески се комплетирани и нов состав ќе ги разгледува на седница.
Во однос на приговорот на Неделкова за нејзиното преместување во судот на брифингот беше посочено дека по изнесувањето во јавноста одредени информации за медиумите, како што вели Вангеловски, на таков судија не му е место да биде во област каде што има доверливи информации, па затоа таа е преместена како претседател на друг дел од судот и дека платата и е покачена.
Вангеловски објасни дека одбивањето на приговорите на судиите по новиот распоред на в.д. претседателот на Основен суд Скопје 1 Стојанче Рибарев е поради тоа што, овој распоред за разлика од тој на неговата претходничка Татјана Михајлова бил ускладен со судскиот деловник.
Во однос на барањето за изземање на Вангеловски од совет кој ќе одлучува по предмет на СЈО вели дека тоа е несериозно барање и дека е одбиено на општата седница.