Репортери без граници-Македонија е лошото момче на Балканот

Иако според најновиот извештај на „Репортери без граници“, Македонија бележи подобрување од неколку позиции, сепак, таа се уште спаѓа во групата земји во кои медиумите се во тешка ситуација. Ова е резултат на контролата што власта ја има врз медиумите и вестите, посочуваат експертите

Иако, според најновиот извештај на „Репортери без граници“, Македонија бележи подобрување од неколку позиции, сепак таа се уште спаѓа во групата земји во кои медиумите се во тешка ситуација. Од 118-тото Македонија е рангирана на 111 место, но подобрената позиција не се должи на некакви реални и објективни подобрувања на состојбата, туку е резултат на севкупниот пад на слободата на медиумите во светот, вели Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми.

„Во државите како што е Македонија причините за ваквата ситуација со медиумите се поврзани со корупцијата и клиентелистичките релации помеѓу менаџерите, уредниците, сопствениците со владејачките елити. Таа длабока корупција е еден од клучните проблеми кои системски ги уништуваат медиумите во земјите од регионот. Во Македонија тоа е најлошо и најевидентно изразено и затоа таа се посочува како „најлошото момче на Балканот“, вели Петковска.

Македонија останува најлош пример во земјите од регионот, но ова според Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници не е никакво изненадување.

„Владејачката гарнитура не се откажува од контролата врз вестите и медиумите, како и демонизирање и маргинализирање на се она што претставува професионално и критичко новинарство и слободно изразување. Македонските новинари и медиумски работници имаат најниски плати и најмалку права во однос на другите држави во регионот, стапката на цензура и автоцензура е највисока, така што тоа се факторите кои влијаат да бидеме на скалилото на коешто сме,“ вели Чаусидис.

Во извештајот се посочува дека Македонија е лошото момче на Балканот пред се поради уништувањето на владеењето на правото и политичката нестабилност која како што се посочува влијае на работата на новинарите, како и притисокот од страна на владејачката партија што довел до самоцензура кај некои медиуми.

Петковска посочува дека политичката волја и системските реформи во медиумската сфера се клучни за подобрувања на состојбата и кај нас и во другите земји каде што има пад на индексот.

Генерално извештајот посочува дека во 2/3 од сите 180 држави кои се предмет на мерење на индексот постои пад на слободата на медиумите, но дека најголеми повреди на слободата на медиумите се забележани во земјите со авторитарни режими и диктатури.