Дневен печат – Субвенциите доцнат, економскиот раст се намалува

Архивска фотографија: Земјоделец на нива со пченка

Доцнењето со исплатата на субвенциите за земјоделците и молкот од Министерството за финансии се една од темите во дневните весници. Поради политичката криза се намалуваат и очекувањата за економскиот раст.

„Македонската економија годинава со раст од 3,2 отсто, а следната со 3,4 отсто“ – ги објави Утрински предвидувањата на ММФ. Весникот додава дека ММФ претходно предвидувал раст од 3,5 отсто на македонската економија.

Утрински информира и дека „Земјоделците сè уште се со празни џебови – тие побаруваат околу еден милион евра субвенции за 2015 и околу 90 милиони евра за ланската година“. Весникот го пренесува ставот на земјоделците дека деновиве ќе донесат конечна одлука какви мерки ќе преземат доколку не ги добијат субвенциите. Утрински пишува дека од Mинистерството за финансии веќе со недели не одговараат на ниту едно новинарско прашање во врска со исплатата на субвенциите.

Во земјава престојуваше шведскиот дипломат и поранешен премиер, Карл Билт, а Утрински наведува дека „Експертот за кризи нема решение за Македонија“. Билт не се сретна со претседателот Иванов, а Утрински ја пренесува неговата изјава: „Свесен сум дека Иванов не сака да се сретне со мене, но наша цел не е да се сретнеме со него“. Нова Македонија наведува дека „Билт ги зовре социјалните мрежи – тој е окарактеризиран како освојувач на барикади, како негативна личност која каде и да оди носи војни со себе“. Весникот пишува дека имало и добри мислења дека неговата посета е добра за земјата и за надминување на политичката криза. Вечер го прогласи Билт за „Соросов емисар кој не го признава македонскиот народ“. Дневник исто така непријателски расположен спрема Билт, па вели: „Ни срам ни образ – прво го молел Иванов за средба, сега глуми дека немал време за тоа“. Дневник наведува дека во Кабинетот на Иванов имало факсимили од најавата за доаѓањето и барањето за средба. Слободен печат насловува: „Иванов на една, здравиот разум на друга страна!“

Утрински ја пренесува изјавата на Иванов по посетата на колегата од Босна и Херцеговина дека не се чувствува одговорен за кризата.

Исто така Утрински насловува: „ВМРО-ДПМНЕ отвори фронт со Рама – со соопштение партијата објави дека Рама лаже дека сме ја прифатиле тиранската платформа“.

Слободен печат ја објавува изјавата на американскиот Стејт департмент дадена за Гласот на Америка на македонски јазик: „Политичарите кои го блокираат формирањето влада да бидат земени на одговорност. Македонските граѓани избраа парламентарни претставници и во Собранието постои јасно мнозинство што чека да формира влада“.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ, во интервју за Утрински изјави дека „Од 138 палми преживеаја 10 – поради ниските температури“.