Според Тилерсон, со овој договор само се одложи иранската цел да стане земја која ќе има нуклеарно оружје.
„Договорот не предвидува ништо во врска со алармантните сегашни провокации од страна на Иран на Блискиот Исток“, изјави тој.
Тилерсон додаде дека редовниот 90-дневен преглед на договорот со Иран нема само да се однесува на тоа дали таа земја ги исполнува обврските од договорот, туку и дали однесувањето на Техеран продолжува да ги поткопува американските интереси во тој регион.
„Неконтролиран Иран има потенцијал да тргне по истиот пат како Северна Кореја и да го повлече светот со тоа“, рече тој.
Тилерсон ја повтори оценката дека Иран е водечка земја во светот која го спонзорира тероризмот и оти стои зад сајбер нападите врз Соединетите држави и сојузниците на Блискиот Исток.
Ден претходно Стејт департментот го информира Конгресот дека Иран го спроведува минатогодишниот нуклеарен договор со светските сили и затоа треба да има натамошно олеснување на санкциите против Техереан што е предвидено со тој договор.
Ваква потврда Стејт департментот му испраќа на Конгресот секои три месеци и е прва издадена од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Олабавувањето на санкциите кои претходно ги воведоа САД, ОН и ЕУ се условени со намалување на иранските нуклеарни активности.
Што се однесува до Северна Кореја, Тилерсон изјави дека се разгледуваат сите можни опции:
„Ние го разгледуваме целиот статус на Северна Кореја, како во однос на држава која спозорира тероризмот, така и во врска со другите начини со кои можеме направиме притисок врз режимот во Пјонгјанг“, рече шефот на американскиот Стејт департмент.
Рекс Тилерсон на 28 овој месец ќе претседава со седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на нуклеарната програма на Северна Кореја.
Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, во средата изјави дека САД не сакаат судир со Северна Кореја и го повика Пјонгјанг да не се обидува да го предизвика.
Хејли која во моментов е претседавач на Советот за безбедност додаде дека сите членки на Советот работат на усогласување на заедничка изјава како одговор на неуспешниот минатонеделен севернокорејски обид за лансирање ракета.