На средбата во Пентагон секретарот Матис изјави дека е многу важна улогата на НАТО во справувањето со сегашните предизвици во светот.
„Имаме многу силна трансатлантска врска и таа станува се посилна. Односите не остануваат исти, тие секогаш се менуваат и во овој случај врската станува се посилна“.
Тоа го констатира и секретарот Столтенберг кој изјави:
„Дозволете ми исто така, да додадам дека силно НАТО е секако добро за Европа и ние исто така сме благодарни за посветеноста на САД да се гарантира безбедноста на Европа“.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг е во тридневна посета на Вашингтон.
Освен што ќе разговара со американските претставници тој ќе учествува и на средбите посветени на борбата против милитантите на Исламската држава.
До посетата на Столтенберг на Вашингтон доаѓа во момент кога американскиот државен секретар Рекс Тилерсон најави дека нема да учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на Алијансата во наредниот месец.
Тилерсон образложи дека сакал да остане дома за посетата на кинескиот претседател, по што подоцна во април ќе замине во посета на Русија.
Одлуката на Тилерсон да го пропушти неговиот прв состанок со министрите за надворешни работи на НАТО ги вознемири европските сојузници.
Тие страхуваат дека неговото неприсуство повторно го отвора прашањето за посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп спрема Алијансата.
Инаку, вчера новинската агенција Ројтерс објави дека Тилерсон со писмо испратено на 7 март побарал од лидерите на Сенатот да го одобрат приемот на Црна Гора во НАТО, наведувајќи дека тоа е „во интерес на Соединетите држави“.
Тилерсон оценува дека членството на Црна Гора во Алијансата ќе биде поддршка на натамошната интеграција, демократските реформи, безбедноста и стабилноста на Балканот.
Приговорите од двајцата републикански сенатори Ренд Пол и Мајк Ли го одложуваат гласањето во Сенатот веќе неколку месеци.
„Учеството на Црна Гора на самитот на НАТО во мај како членка, а не како посматрач, ќе испрати силен сигнал за трансатлантската обединетост“, наведува Тилерсон.