Со сиромашните полесно се манипулира

Илустрација: сиромаштија, свеќа.

Тројца од четири вработени во Македонија земаат плата пониска од просечната, која и онака е ниска. Сиромашните луѓе полесно се манипулираат, стравувајќи да не го изгубат и тоа малку што го имаат, велат социолозите.

Политичката манипулацијата често ги следи луѓето кои имаат лош економски стандард, велат социолозите, коментирајќи ги резултатите од последното истражување кое говори дека 76 проценти од населението во Македонија зема потпросечна плата. Како што изјавуваат експертите, личностите од сиромашното социјално милје полека стануваат најподложен материјал за делување на политичките партии, додавајќи дека поради егзистенцијални проблеми и склоноста да се поведат кон задоволување на дневните личните интереси, тие луѓе често може да бидат изманипулирани.

Професор Ило Трајковски од Филозофскиот факултет во Скопје вели дека државата треба внимателно да ги анализира резултатите од истражувањето и нагласува дека демократијата претпоставува одредена силна независна средна класа.

„Ако имате ваква состојба, 76 проценти од населението да примаат потпросечна плата, која и така е ниска во споредба со тоа што го има во Европа, нормално е да очекувате дека тие луѓе ќе бидат лесно ранливи и поводливи, па дури и во насока да бараат посилен режим. Зашто такви какви што се неимотни, може лесно да се заплашуваат, дека ако се промени режимот, дека може да го загубат и тоа што го имаат“, вели професор Ило Трајковски.

Експертите забележуваат дека останува голем бројот на луѓето кои останале без работа и изразуваат загриженост дека многумина се приклучуваат кон политичките партии за да се реши нивното вработување. Според нив, на тој начин доаѓа до двонасочна манипулација. Во својата анализа тие додаваат дека од една страна имаме јакнење на политичката моќ и од друга страна користење на таа моќ за остварување на лични цели.

Говорејќи за истражувањето кое покажува дека 76 проценти од населението земаат потпросечна плата, упатените изразуваат загриженост и за трендот на иселување и покрај тоа што во јавноста луѓето инсистираат дека ја сакаат својата земја.

„Сиромаштијата ги брка луѓето од тука, ама не само сега, туку овие 20 години. Балканот ја има таа историска судбина, да го губи своето население. Не само Балканот, туку и Јужна Европа. Да, луѓето си ја сакаат земјата, остануваат заљубени во неа и по заминувањето, но од љубов не се живее“, вели Трајковски.

Професор Шенај Хаџимустафа од Факултетот на Југоисточна Европа вели дека трендот на иселување во секој случај го заслужува нашето внимание. Таа истакна дека животниот стандард и квалитетот на живот се основен услов кој влијае на донесување на одлуката дали ќе се остане тука, додавајќи дека граѓаните сакаат да имаат и земја во која ќе владее правдата и во која институциите ќе ја вршат својата работа.

„Во Македонија се забележува тренд на миграција, особено на добро ситуирани луѓе кои сакаат подобра иднина за своите идни генерации и излезот од оваа ситуација го гледаат надвор од земјата. И сето тоа поради политичките и економските услови кои владеат во земјата особено последните 10 до 15 години“, вели таа.

Хаџимустафа истакна дека резултатите од економските мерки во изминатите години не довеле до зајакнување на стандардот. Евидентно е дека во одредени временски периоди имаше позитивни економски перформанси, но истите не беа искористени за долгорочни инвестиции кои ќе донесеа подобар стандард за населението, туку беа искористени на непродуктивен начин, додаде Мустафа. Според неа, тоа не допринело за да има голем оптимизам дека ќе има подобра иднина.