Достапни линкови

Бранителите заборавени од државата


Прилепски бранители, членови на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година.
Прилепски бранители, членови на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година.

Во крајна сиромаштија и со сериозно нарушено здравје, едвај преживуваат прилепските бранители, членови на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година.

Прилепските бранители, членови на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година, реагираат затоа што и по 14 години од завршување на воениот конфликт, најголем дел од нив се наоѓаат на работ на егзистенцијата, без основни средства за живот.

„Моментално имаме болен бранител којшто ги пуштија од државна болница од Скопје со дијагноза канцер и му ја кажеле болеста за да го доуништат. Не си ти повеќе за овде, оди лечи се дома. Му препишале трамoдоли и ако се зголемеле болките ќе му даделе и морфиум. Ова мора да го знае јавноста. Значи собира човекот, додека беше со сопругата немаа средства да платат такси или автобус, да си го однесат сопственото дете, не можеше да си го види“, вели Рубин Секулоски, претседател на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година.

Рубин Секулоски, претседател на Здружението на резервни воени обврзници.
Рубин Секулоски, претседател на Здружението на резервни воени обврзници.

Судбината на овој, ја делат и други бранители. Голем дел од нив поради преживеани пострауматски шокови и денес не можат да се социјализираат, а ветените психијатриски третмани, психичката реконвалесценција никогаш не била на дневен ред.

„Голем дел од припадниците кои учествуваа во воениот конфликт веќе не се меѓу нас. Голем дел извршија самоубиства, изумреа од неразјаснети болести, од рак“, вели Секулоски.

Оваа состојба, според него, е последица на фактот што од преку 1200 редовни членови, нема ни петмина кои се вработени во јавни институции, каде би имале посигурно работно место. Од друга страна, и во приватниот сектор тие многу тешко наоѓаат работа. Затоа извршителите често им ги блокираат сметките, а приходите од тутунопроизводство или од време на време од некоја времена работа им се под животниот минимум.

„Голем дел немаат платено сметки за струја, основни средства за живот немаат. Апсурдот кој е болката, она што нас нè тишти најмногу, ние застанавме на браникот, не размислувајќи за својот живот, тогаш кога ѝ беше најтешко на државата. Сега сфаќаме дека сето тоа било наместено“, вели револтирано Секулоски.

Четирите барања кои не им се реализирани сите овие години, велат од Здружението, ќе ги постават и пред новата влада. Очекуваат по изборите да им бидат решени елементарните права на социјална и здравствена заштита, ним и на нивните семејства.

„Новата влада ги знае, Меморандумот за соработка стои. Првите четири точки, најболните први четири точки: здравство, социјално згрижување, станбено згрижување на оние кои се самци и кои немаат свој дом и образованието, за нас помината работа, но колку толку да искористат нашите деца“, вели Секулоски.

Тој потенцира дека овие се само барања на резервните воени обврзници од ова Здружение. Зашто, како што вели, другите бранители кои се блиски до власта, кои имаат членски книшки, веќе се на одредени позиции, згрижени и нивните права се остварени.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG