Се оддалечува ли Турција од Европа?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Расте неизвесноста во односите меѓу Турција и ЕУ

Идните односи меѓу Турција и Европската унија стануваат се понеизвесни откако со тесно мнозинство мина референдумот со кој парламентарниот систем се менува во претседателски, а Реџеп Таип Ердоган добива поголеми овластувања. Некои страхуваат дека Анкара сега брзо ќе се одалечува од Унијата.

Тензиите ескалираа меѓу Турција и Европската унија, посебно Германија и Холандија откако не турски министри им беше забрането да одржат митинзи како дел од кампањата за референдумот.

Али Фаик Демир, професор за меѓународни односи на Галатасарај универзитетот во Истанбул, вели дека иако Европската унија не го поддржува резултатот од референдумот таа треба да биде внимателна во врска со бегалската криза која евентуално повторно би ја стартувал Ердоган.

„Европските земји се загрижени за прашањето за бегалците од Сирија. Ако Турција е принудена да носи одлуки Европа ќе се соочи со повеќе бегалци, а тоа Европа не сака да го види“, вели тој.

Со оглед на тоа што во повеќе европски земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, годинава се одржуваат претседателски или парламентарни избори,

Демир вели дека е прерано да се предвиди какви ќе бидат идните политики на Европската унија спрема Турција. Според него, никој не знае колку овие избори ќе придонесат за значително менување на сегашниот курс на Унијата.

„Се уште треба да внимаваме на изборниот процес во Европа, што ќе се случи во Франција, во Германија и како тие ќе се справат со тоа и како ќе се менува структурата во Европа. Затоа не сме во можност да судиме за односите меѓу двете страни и да кажеме дека тие ќе доживеат колапс или ќе станат нормални. Тоа и натаму треба да се посматра“, вели тој.

Демир додава дека нејасната иднина на односите меѓу Турција и Европската унија останува едно од клучните прашања што треба да го реши Ердоган.

Некои аналитичари велат дека тој сега ќе посвети поголемо влијание на развојот на односите со Русија како начин за барање дипломатски баланс како противтежа на Европската унија. Тоа не го мисли и професор Демир:

„Како членка на НАТО, Турција не може целосно да се отстрани од западниот свет. Развивањето односи со Русија ќе биде карта за Турција на која ќе балансира против Европската унија“, вели Демир.