Според Киличдароглу, референдумот нема да успее и поради тоа што и во самата партија на Ердоган се појавиле противења на предолжените уставни промени со кои се менува политичкиот систем во Турција.
„Една личност ќе има многу моќ и влијание и тоа ќе претставува опасност за иднината на Турција“, вели Киличдароглу додавајќи:
„Ние сакаме на нашите деца да им ја оставиме Турција со развиена демократија, независно судство и слободни медиуми“.
Со измените се намалува моќта на премиерот, а му се дозволува на шефот на државата да наименува министри и да владее со декрети.
Тој ќе има контрола врз судството, како и врз извршната и законодавната власт, со што, според критичарите, вклучувајќи и многи западни влади, се брише демократијата во земјата.
Претседателот Ердоган вели дека промените се неопходни за да биде зачувана стабилноста на земјата и оти Турција ќе биде со политички систем каков што го имаат Соединетите држави и Франција.
Турските провладини весници објавуваат анкети кои покажуваат дека референдумот ќе успее, додека опозициските весници објавуваат анкети со спротивен резултат.
Како и да е, ефектите од кампањата се проширија и во Европа.
Турција и Холандија влегоа во војна на зборови откако холандските валсти не им дозволија на турски министри да зборуваат за референдумот во Ротердам.
Полицијата интервенираше за растурање на протестите до кои дојде пред турскиот конзулат во градот.
Ердоган дури обвини дека нацизмот се уште бил жив на Западот.
„Тие не знаат ништо за политиката или меѓународната дипломатија. Тие се многу нервозни и кукавици. Тие се наци остатоци, тие се фашисти“.
Ердоган тоа претходно го изјави и откако во Германија беа забранети неколку митинзи на турските министри.
Во Холандија живеат околу 400 илјади луѓе со турско потекло, додека во Германија нивниот број околу милион и 400 илјади.