Ненад Стевовиќ, кој заедно со Игор Ангелков, веќе 14 години наназад ја испишува успешната приказна на само навидум „малечкото“ скопско книгоиздателство ИЛИ-ИЛИ. Со преводни објави на творци како Шлинк, Вила-Матас, Барико, Господинов, Келман, Танпинар, Војновиќ, Курејши, Шчигел, македонски прозни, есеистички и поетски изданија чии потписници се меѓу другите Румена Бужаровска, Игор Станојоски, Оливера Ќорвезироска, Јосип Коцев, Фросина Пармаковска, Сашо Кокаланов, три европски награди за Гоце Смилевски, Лидија Димковска и Ненад Јодлески, исто толку победници на престижниот конкурс за Роман на годината на Утрински весник во последниве шест години – Снежана Младеновска Анѓелков за „Единаесет жени“ , Петар Андоновски за „Телото во кое треба да се живее“ и Давор Стојановски – за „Собирачи на пепел“, со силната заложба за афирмација на оние кои допрва доаѓаат на книжевната сцена, конечно ИЛИ-ИЛИ влегува во редот на ретките наши културни феномени кои бескомпромисно заговараат квалитетна и одбрана книжевна понуда, инвенција, писменост, љубов кон пишаната реч, кон македонскиот јазик и неусловена слобода на духот.
Стевовиќ, како времето минува и кризата не подјармува моќниците од власта се погласни во потребата да ја стивнат инаквоста, слободарската мисла. Тоа годинава го осетивте и на ваша кожа.
Да, тоа беше последниот конкурс на Министерството за култура, каде што издавачите од Македонија конкурираат за дела од национален интерес. Со години „Или-Или“ го гради својот имиџ, пред сè преку афирмација на младите македонски автори, коишто во добар дел беа поддржувани од Министерство за култура, со буџетски пари на граѓаните и коишто со своите дела ги оправдаа тие буџетски пари, значи сè се тоа млади автори коишто ја потврдија својата вредност. Во последните шест години тројца од нив се победници на конкурсот за роман на годината на Утрински весник, речиси сите беа во најтесниот круг за оваа награда или пак добивале други награди, доколку се работи за други жанрови. Оваа година не помина ниту еден автор, не помина ниту ланскиот добитник на роман на годината. Тука нема нешто што посебно да се анализира и да се филозофира, тоа беше една простачка, вулгарна одмазда на тие што се, ете, на некои функции, на некадарни луѓе коишто се нашле на некои функции кон младата и прогресивна Македонија. Знаете како, некој од врвот ќе каже – ништо кај шарените не смее да помине. Тоа е така, кога ќе се каже „шарен“ тоа е нешто страшно, опасно. Претпоставувам дека тоа е од повисока функција, претпоставувам можеби и од министерска, било наложено ништо од шарените не смее да помине.
Сепак, може ли на тој начин да се стивне мислата, да се потчини духот макар и на овие наши балкански недојдии?
Може, зависи сè од индивидуата. Доколку сте родени со таков потчинет дух, ќе подлегнете на такво нешто, што е случај и кај многу луѓе и од сферата на културата во нашата земја, коишто уживаат во своето подаништво, уживаат да се до политичарите на висока функција, во нивно друштво, можеби првичните намери им биле добри, но еден таков систем полека, полека ги пружа своите пипци, ве заробува и доколку не сте човек со силен карактер, со силна верба, вие едноставно почнувате да уживате во таа своја улога на слуга на големите. Меѓутоа од друга страна знае да се раѓа и пркос, слободната мисла е тешко да се сотре. Би се надоврзал на претходното прашање околу конкурсот. Да, не ни е прифатен ниту еден домашен автор, меѓутоа ние решивме да ги објавиме, дел по дел, еден по еден, ги објавуваме, не ни е потребно секогаш, добредојденa е се разбира помошта од Министерството за култура, не може да биде нивна, бидејќи се работи за пари на граѓаните, но доколку ја водат таа нивна политика, ние ја водиме нашата политика, така што сите тие автори, нивните дела ќе ја видат виделината на денот.
До каде очекувате да оди безумието на политиката? Ќе нè уништат ли комплетно замешателствата, неукоста, криминалот и стрвноста за материјални добра, автократијата? Има ли излез од лавиринтот во кој влезе не само Македонија, туку и воопшто земјите од регионот?
Неверојатно е до каде стигнавме. Во деведесеттите години јас сум бил млад човек на дваесет и нешто години, во голем дел од бившите југословенски републики се војуваше, кај на постоеше неверојатен слободарски дух, сите зборуваа за тоа како во тоа време се живееше во Македонија, да се живееше тешко, но зборувам за духот и за оптимизмот кој владееше пред сè кај младите. Нашиот граѓанин беше отворен човек, со отворена мисла, со космополитски и со граѓански дух. Ова што се случува е навистина страшно и мислам дека веќе доаѓаме до некоја кулминација. Мора да се ресетира оваа општество, сè уште сметам дека има потенцијал Македонија да ја фати вистинската насока или да се врати на вистинската насока, бидејќи вака пропаѓаме, навистина пропаѓаме. Оваа земја дури не може ниту да се распадне, затоа што ако се распадне, треба да се распадне на илјада дела, до толку сме разединети. Мислам дека сме дојдени до крајната фаза, ќе биде тешко, ќе биде многу болно, но оптимист сум дека Македонија е земја со перспектива.
Целото интервју со Ненад Стевовиќ може да го погледнете во видео-снимката на почетокот на овој текст.