Врховниот суд му ги замрси конците на СЈО

Со деградирањето на судиите, се деградира и целото судство, а тоа зборува за несериозен однос кон правосудната власт, коментира поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски за последните одлуки на Врховниот суд и последиците од нив.

Новиот годишен распоред за работа на судиите во Основниот суд Скопје 1 ќе започне да се применува од денот кога судот ќе ги прими одлуките по приговорите на судиите од Врховниот суд и од кога ќе се изврши распоределба на предметите со одлука на В.Д Претседателот на судот, велат од Крвичниот суд. Појаснуваат дека до тогаш ќе се применува претходниот распоред.

Во меѓувреме, денеска судиите на Врховниот суд одлучуваат како понатаму ќе постапуваат по прашањето за како да се третираат прислушуваните разговори и за прашањето за барањето за заштита на законитоста, односно по барањето за преиначување на мерката притвор за осомничениот Сеад Кочан од предметот „Труст“ на СЈО.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека со промените во Врховниот суд очекувал и промени на подобро во судството, но се разочарал, особено по одбивањето на приговорите на судиите.

„Со тоа што се одбиени сите приговори практично продолжува праксата и натаму да се поставуваат судии со недоволно искуство да одлучуваат по предмети каде што практично е потребно едно целосно познавање на кривичната материја. Ова не е случајно направено, туку е така направено за да може одредени судии, кои и досега покажувале одбојност спрема работата на Специјалното јавно обвинителство, да можат кон конкретната работа да го реализираат“, објаснува Трпеновски.

Конечното одобрување на новиот контроверзен распоред вчера го даде Врховниот суд со тоа што ги одби сите 17 приговори на судии, кои сметаат дека неправедно се распределени во одредени оддели. Голем дел од нив во јавноста тивко изнесуваат сомнеж дека неправедно се распределени на други позиции за да немаат контакт со предметите на Специјалното јавно обвинителство.

Според новиот распоред кој наскоро ќе стапи во сила, заменик претседател на Кривичниот суд е судијката Славјанка Јанковска, односно судијката која донесе одлука со која прислушуваните разговори нема да се третираат како доказ во постапките што ќе ги води Специјалното обвинителство пред Кривичниот суд.

Судии на претходна постапка во одделот за организиран криминал кои ќе одлучуваат по барањата за притвор и мерки за претпазливост на СЈО ќе бидат токму тројката судијки за кои тимот на Катица Јанева бараше изземање од предмети и утврдување одговорност поради нивна поврзаност со прислушуваните разговори. Тоа се Елена Јосифовиќ, Александра Поп Стефанија и Лидија Петровска.

Судијката Гордана Спировска, која како претседател на Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 ја потврди мерката притвор на СЈО против осомничениот бизнисмен кој е во бегство Сеад Кочан во случајот „Труст“ сега ќе носи одлуки само за предмети по стариот Закон за кривична постапка.

Дел од искусните судии се префрлени во судот за прекршоци каде што во изминатава година се намалени и бројот на предмети, што значи дека нема потреба да се става таков кадар на тие позиции, коментираат познавачите на проблемот.

Трпеновски смета дека со ваквиот потег се деградираат судиите кои имаат поголемо искуство во кривичното право и кои покажеле сериозен однос кон владеењето на правото.

„Со нивното деградирање, се деградира и целокупното судство. Тоа зборува за еден несериозен однос кон една многу сериозна област, а тоа е правосудната власт. Најдобрите кадри кои треба да одлучуваат во најтешките предмети се ставени на страна, а заклучокот зошто треба секој сам да си го донесе“, вели Трпеновски.

Во меѓувреме, за Кочан се води и постапка во Врховниот суд за да се преиначи одлуката на Спировска за притворот. Јавното обвинителство под капа на Марко Зврлевски отвори постапка за утврдување дали е законито одредувањето мерка притвор. Додека дел од институциите се обидуваат да го заштитат осомничениот од притвор, по него е распишана меѓународна потерница и тој ја напушти земјава, или, како што вели неговиот адвокат, месец и пол е на службен пат.

„Не можам да сфатам дека државниот јавен обвинител може да поднесе барање за заштита на законитоста пред Врховниот суд за кој нема надлежност, тоа не е резултат на непознавање на материјата или на надлежноста на СЈО, туку асоцира на нешто друго што не сакаме да го признаеме, а тоа е продолжување на отпорот кон Специјалното јавно обвинителство“ објаснува Трпеновски.

Токму во овој предмет се вмеша и Врховниот суд, па излезе со обвинување дека Специјалното јавно обвинителство не соработува со нив, односно дека не им доставиле итно информација кога ја побарале. Врховниот суд го одби и барањето за изземање на претседателот Јово Вангеловски од кривичниот совет кој требаше да одлучува по притворот на Кочан. Дополнително е одбиена и жалбата на претходната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова, која е смената од тој кривичен Совет затоа што, според пишувањата во дел од медиумите, се изјаснила дека надлежност врз предметот на Кочан има Катица Јанева, а не Марко Зврлевски.