Турција ќе ја преиспита намерата за влез во ЕУ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ердоган: Европа се распаѓа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште еднаш ги повтори обвинувањата спрема Европската унија во врска со обидот на Турција да влезе во Унијата. Притоа тој наведе дека Европа „ќе плати за она што му го направи на турскиот народ“.

Во говорот во Измир пред најавениот референдум на 16 април за уставни промени со кои се зголемуваат овластувањата на претседателот, Ердоган уште еднаш повтори дека Анкара ќе ги преразгледа плановите на Турција да стане членка на Унијата.

„Никогаш не се сметавме како земја надвор од Европа, но не сме примени во Европската унија 54 години. Затоа сега почнува нов период. 16 април е денот за ревизија на ова одлука“, рече Ердоган.

Во говорот тој Европа ја нарече „болен човек“, израз што за Турција го имаа европските политичари за Отоманската империја која почна да се распаѓа во 19 век.

„Турција де факто е европска земја. Проблемот е во тоа што Европа не сака да не види како една од нив“, рече тој.

Ердоган уште еднаш ја обвини Европската унија за применување на двојни стандарди наведувајќи дека Турција е демократска земја и оти нејзината демократија ќе стане посилна по референдумот.

Ердоган кој е еден од основачите на исламската Партија на правдата и развојот стана премиер во 2003 година. На таа функција беше до 2014 кога беше избран за шеф на државата.

Тој смета дека промената на уставот со кој наместо парламентарен се востановува претседателски ситем е неопходна со цел да се етаблира политичка стабилност во земјата.

Критичарите, повеќето од западните земји пак, сметаат дека со тоа ќе му се даде голема моќ на Ердоган кој, според нив, успеал по неуспешниот пуч во јули минатата година да се справи со опозицијата.

Последната караница на Ердоган со Европа дојде откако неколку земји на Европската унија им забранија на турски политичари да држат митинзи во врска со референдумот.

Ердоган смета на поддршката на турците во Европа, вклучувајќи ги милион и 400 илјади турци во Германија кои имаат право на глас. 9 април беше последната нивна шанса да гласаат.

Тие имаа можност тоа да го сторат од 27 март. Нивните гласови ќе бидат запечатени и пренесени во Анкара на пребројување по одржувањето на референдумот.

Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека ќе се води тесна трка на изјаснувањето на 16 април.