Продолжуваат протестите по изборната победа на Вучиќ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Белград продолжуваат протестите против Вучиќ

Илјадници демонстранти, главно студенти, и синоќа излегоа во Белград да протестираат против големата победа на премиерот Александар Вучиќ на претседателските избори што се одржаа на 2 април. Тие повторно се собраа пред зградата на српскиот парламент, обвинувајќи го Вучиќ за изборен грабеж.

„Вучиќ лопов“ и „Крај на диктатурата“ беа повиците на демонстрантите чиј број, како што јавуваат новинските агенции, се зголемувал додека марширале по белградските улици.

Тие наведуваат дека Вучиќ бил автократски лидер и оти неговата Српска напредна партија била корумпирана и инструментализирана во, како што велат, наместените претседателски избори.

Претходно, една група студенти на социјалните медиуми постира список барања, вклучувајќи смена на раководствата на српската државна изборна комисија и на националниот медиумски регулатор, како и на директорот на српската државна телевизија и неговиот главен уредник, кои ги обвинуваат за изборна измама.

Вук кој учествува на протестите во Белград вели:

„Ние студентите од политичките науки инициравме еден проглас против поддршката што професорите му ја упатија на Александар Вучиќ и денеска сакаме да ги поддржиме барањата на студентите од Нови Сад кои се целосно легитимни и оправдани“, вели тој.

Во овие студентски барања е вклучена и оставка на претседателот на парламентот Маја Гојковиќ.

Запрашан зошто протестира студентот Марко Драгосављевиќ изјави:

„Бидејќи ситуацијата во државата е алармантно ужасна на сите нивоа, од министерствата, здравството, полицијата. Премиерот на Србија, односно претседателот на Србија Александар Вучиќ очигледно нема намера ништо да преземе да им овозможи на младите луѓе нормално школување, а секако и плати и пензии“, вели тој.

Протести против Вучиќ се одржуваат и во повеќе други српски градови.

Претседателската функција во Србија е главно церемонијална, но се очекува Вучиќ да ја задржи моќта преку контролата во неговата владејачка Српска напредна партија.

Претходно Вучиќ изјави дека не е против протестите се додека тие бидат мирни.

„Ние сме демократска земја и секој има право да биде среќен или несреќен од изборните резултати“, рече тој.