Село Манастир - потсетник на неуспехот за заживување на Мариово

Село Манастир.

Природните убавини на мариовските села, чистиот воздух, мирот и спокојот што го нудат не се предизвик ниту за поранешните жители да се вратат на старите корени. Нема превоз до градот, нема училишта и амбуланти, па селата се празни.

Селата во мариовско се речиси празни, а и тие жители што останале немаат редовен превоз до градот, којшто е на најмала оддалеченост од 40-ина километри. Мали деца веќе нема, нема ни училиште, а од неодамна, велат жителите, доаѓа доктор што се грижи за нивното здравје.

„Вода имаме, водовод имаме, осветлување, струја откако знам, патот од 2007 е асфалтиран. Мене ми е добро, јас почнав да се занимавам со пчеларство. Мариово ги исполнува сите услови за пчеларство, за сточарство, за земјоделство. Проблем е превоз, нема превоз. Има сообраќа комбе едно во понеделник, среда и сабота, другите денови нема превоз“, вели Орде Спасески, поранешен жител на селото Манастир.

Орде Спасески.

Тој овде сепак одлучил да произведува мед, зашто вели природата е чиста, нема загадување, мирно е и тивко.

„Од сите мештани што беа по селата, не остана ниеден. Последниот жител пред две години почина. Има услови за живот, не да нема, ама не идат луѓето, куќите им се распаднаа“, додава Спасески.

Патот до Манастир е изграден со пари од Европската агенција за реконструкција, а проектот „Финско село“, што на големи ѕвона го најави одамна локалната власт, очигледно не успеа. Така што селото Манастир стои како потсетник на неуспехот на локалните власти, за ревитализација на Мариово.

Овде единствено функционира манастирот „Свети Никола“, каде што со огромен напор на игуменот Никола и донации на почитувачи на манастирот се изгради конакот. Археолошките истражувања никако да финишираат, но затоа пак туристи во манастирот има постојано.

„Секој што дошол во Мариово, го посетил манастирот со истоимената црква која датира од 11 век. Доаѓаат и случајни минувачи, но и љубители на планински велосипедизам и други алтернативни спортови“, вели игуменот Никола.

Дека Мариово е пуст регион од Македонија, потврдува и Кирил Николоски, чувар во риболовното друштво „Мамец“, кој живее во објектот на друштвото, до познатиот Расимбегов мост, на Црна река.

„Имаше неколку деца, учителка идеше, доктор идеше, медицинска сестра, сега нема. Мислам дека доаѓа од Битола или од некаде доктор, една до два пати неделно да ги посети селата, нема. Едно комбе само постои за превоз и тоа од Витолиште си оди за свои потреби, ако качи некој, ако има потреба до Прилеп, друг превоз нема. Болни луѓе, еве ќе викаат итна помош, амбулантата така се испусти, школото се испусти“, вели Николоски.

Поради овие проблеми, ниту природните убавини, богатиот предел со лековити тревки, чистиот воздух, мирот и спокојот што го нуди овој живот, далеку од урбаниот не се предизвик, ниту за поранешните жители да се вратат на старите корени. Богатиот предел со руди, минерали го експлоатираат неколку приватни фирми, но не нудат доволно вработувања, за ревитализација на регионот. Селата се пустат, младите одамна се иселени, а сега заминуваат и повозрасните. Последни се најстарите жители на Мариово, кои овде се родиле, живееле и одлучиле оттука да заминат.

Од проектите кои што ги најавуваа локалните власти пред 10-ина години, останаа само тоновите запишани во етерот.