Портретите и „затскриениот свет“ на Кондовски на изложба во МНТ

Димитар Кондовски, уметник и ликовен педагог.

Повеќе од 110 дела особено значајни за театарското паметење, скици, прибелешки и цртежи од кои некои по прв пат и се претставени на домашната културна јавност, ја чинат изложбата „Уметникот на уметниците“ на несомнено најголемиот и најпродуктивен македонски портретист, сценограф, костимограф, илустратор, уметник и ликовен педагог - Димитар Кондовски, која од 3 април до 19 мај, во чест на 90 годишнината од неговото раѓањето, се одвива во Музејот на Македонскиот народен театар во Скопје.

Една од темите кои го преокупирале големиот Димитар Кондовски, а која е од особено значење за нашето, македонското културно паметење, е речиси хронолошкото портретирање на театарските, оперските и балетските уметници со кои тој своевремено катадневно соработувал. Тие биле неговите пријатели, вткаени уште од најраните години во неговиот самосвоен творечки простор.

Така бил создаден еден исклучително богат опус на „разговори-шепотења“ на уметникот со уметниците - скици и портрети на актери, оперски пејачи, балетски уметници од сите генерации, со што Кондовски си го обезбедил местото на безусловно досега најголемиот хроничар на македонската музичко-сценска творечка заедница.

Токму и затоа, потписничките на изложбата Јасминка Намичева и Екатерина Намичева, преку оваа годинешна постановка, всушност се обидуваат на публиката да и откријат дел од „затскриениот свет“ на великанот.

Ова подразбира дека за прв пат се изложени огромен број портрети во најразлични сликарски техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и безброј навидум безначајни прибелешки. Творби од кои потем се родиле големите портрети на „македонската Мона Лиза“- примадоната Ана Липша-Тофовиќ, авангардниот портрет на актерот Кирил Ќортошев, пенливиот лебед на примабалерината Натка Пенушлиска, алхемичарски магичниот портрет на учителот Никола Мартиновски, на различен ликовен јазик но еднакво вонвременскиот-портрет на доајенот Трајко Чоревски, кој датира од 1949 година и се смета за неговиот прв портрет во театарот... и така со ред.

„Секогаш, како зад секој голем уметник, остануваат еден куп скици, работи, ливчиња кадешто тој самиот со себе разговарал. И таму честопати имате на едно исто ливче по две-три скици од двете негови страни, така да тие се многу шармантни и многу кажуваат за самата размисла и процесот на работата на уметникот“, вели Јасминка Намичева.

Таа дополнува дека ним како на авторки на изложбата токму тоа им се видело многу интересно. Дека благодарение на госпоѓата Хилда Кондовска, за којашто потенцира дека е „трезор“ за такво нешто и од која „треба да се учи како да се цени сопствениот идентитет и како треба да се чува културното наследство“, имале можност да влезат во тој скриен свет на Кондовски и да и ги претстават на нашата културна јасност тие скици и цртежи на големиот уметник.

Да можат посетителите да направат споредба од она што се обични, основни скици до врвот на неговото вонсериско сликарство – портретите што тој им ги правел на своите колеги и собеседници во театарот.

„Идејата беше и да го прикажеме тој свет на комуникација помеѓу ликовниот уметник и артистите коишто заедно битисуваат во еден ист простор, кој сам по себе е магија, и точно како производ на тој дух всушност сметаме дека е цела оваа серија на портрети коишто ги изложуваме, а патем до потретите ги ставаме и цртежите кои се последната предскица за големото платно и на тој начин, како што ние сакаме да кажеме, посетителот може да разговара со Димитар Кондовски“, потенцира Намичева.

Кон ова само уште информацијата дека автор на фотографиите е Филип Кондовски, а стручен соработник е најголемиот познавач на делото на Димитар Кондовски – историчарот на уметност и ликовен критичари проследувач Емил Алексиев.

Инаку, во рамките на виртуелниот концепт кој го развива веќе неколку години Музејот на МНТ, и за оваа изложба ќе биде изготвена виртуелна тура од 360 степени, која разбирливо ќе биде достапна на веб страната на нашата национална театарска установа.