Дива депонија за добредојде во Тетово

Дива депонија на влезот во Тетово.

Депонијата на влезот во Тетово почна да се шири. Екологистите велат дека депонијата им пречи на сите и е срамна слика за оние кои доаѓаат во градот. Надлежните пак ги обвинуват несовесните поединци.

Додека чекаат да се исполни ветувањето на Општина Тетово дека дивата депонија ќе се тргне од пред влезот на градот, жителите се соочуваат со нова појава. Смет се складира дури и на пристапните патишта до дивата депонија, односно претоварната станица на комуналното претпријатие. Улицата која води до станицата е дел од излезот и влезот на Тетово инаку во правец кон стариот пат за Скопје.

„Ова е една многу срамна слика, а не е прв пат да се соочиме со ваква слика во Тетово. Да се има ваква дива депонија, вакво ѓубриште на мост кој што служи за добредојде во Тетово тоа е многу многу лоша слика. Треба да се дислоцира депонијата, тоа го кажуваме повеќе од три години. Очекуваме дека такво нешто ќе се случи. Отворени депонии низ градот не се прифатливи за никого, ни за децата во паркот, ни за децата во градинката, ни за муштериите на лебот што се произведува зад нас, ни за тие кои купуваат кај зелениот пазар, ни за клиентите на шопинг центарот што е во близина, значи за никого“, вели Аријанит Џафери од Еко Герила.

Назиф Јашари, раководител на работната единица Комунални Хигиена при ЈКП Тетово за фрлениот смет на улицата до депонијата обвинување упати до несовесни поединци.

„Гледавме дека не е наш смет. Зборувам за комуналниот смет. А неодговорни луѓе, а може и повеќе фирми преку ноќ ова го донеле и сега правиме активности ова да го решиме“, вели Јашари.

Надлежните веќе неколку години ги повторуваат најавите за подобрување на состојбите.

„Две алтернативи. Една ќе имаме со овие големи контејнери соработка со Дрисла и втора варијанта после ќе биде селектирање“, рече раководителот на Комунална хигиена.

Граѓаните не смеат да дозволат оваа срамна слика да остане белег на Тетово, смета Аријанит Џафери од Еко Герила.

„Треба и притисоците кон надлежните да бидат многу повисоки. Било градоначалниците, било советниците, кој било друг, тие зависат од нашите гласови. Во крајно време и краен случај може и така да се функционира, ај да кажам да се закануваат, условно кажано, дека нема да ги гласаме ако не се грижат за нашето здравје и нашата животна средина“, смета тој.

Дива депонија се смета за една од повеќе причини за загадениот воздух во Тетово. Во првите три месеци од 2017 година според статистичките бројки штетните пи-ем 10 честички не се високи, но сепак често се надминува границата на дозволените концентрации од 50 микрограми на метар кубен. Исто така веќе е надминат и бројот на 35 денови, период кој се смета за дозволен воздухот да биде загаден во текот на една година, а да нема последици по здравјето на луѓето.