По три дена преговори во Собранието, пратеничките групи постигнаа договор претседателското место во Комисијата за прашања за избори и именување да им припадне на ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на Комисијата ќе биде пратеникот Илија Димовски, со што повторно е ставен во функција процесот за продолжување на конститутивната седница на Собранието која е закажана за понеделник напладне.
Претходно, СДСМ бараше претседател на Комисијата да биде од парламентарното мнозинство, додека ВМРО-ДПМНЕ беа категорични претседателот да биде од партијата која има најмногу пратеници во Собранието. Генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Оливер Спасовски, изјави дека иако постоеле низа неразумни барања, прифатиле претседателот на Комисијата да биде од редовите од ВМРО-ДПМНЕ за да се одблокираат процесите и нормално да функционираат институциите.
„Ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ за да се откочат процесите во Македонија, да профункционираат демократските процеси и законодавниот дом и граѓаните да не бидат заложници на кој било политичар или политичка партија. Сметам дека ова е потребно и добро затоа што многу штета трпат граѓаните и економијата“, рече Спасовски.
Тој рече дека опструкции на комисијата и на работата на Собранието може да се вршат во секој случај без разлика дали има или нема претседател на Комисијата.
„Посакуваме демократски начин и дебата во Собранието со цел нормално да функционираат институциите на системот. Не е важно да се задоволуваат лични, политички интереси, треба да се гледаат интересите на граѓаните“, изјави Спасовски.
Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека в понеделник единствена точка за која ќе одлучува Собранието ќе биде изборот на составот на Комисијата за прашања за избори и именувања, а нема да се избира претседател на Собранието. Оваа Комисија потоа треба да го предложи идниот собраниски спикер.
„В понеделник единствена точка по која Собранието ќе расправа и одлучува е изборот на составот на Комисијата за прашања на избори и именувања. Потоа според процедурата, треба да се свика заседание на Комисијата за прашање и именувања, таму да се разгледаат еден, два три, десет или сто, предлози за претседател на Собранието и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница и тогаш тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој не кажа дали ВМРО ДПМНЕ ќе имаат свој предлог за претседател на Собранието.
Според Димовски, претседателското место и шесте члена што ВМРО-ДПМНЕ ги доби во Комисијата за избори и за именувања не се добар гест од страна на СДСМ, туку се правила и практика според кои Собранието функционира 25 години.
„Доколку СДСМ продолжи да го слуша гласот на граѓаните кои секојдневно протестираат и доколку СДСМ продолжи со ваквите постапки со кои прифаќа дека е губитничка партија на изборите, Собранието ќе продолжи нормално да функционира. Доколку се обидуваат со пoстизборна измама да наметнуваат нова пракса во Собранието, тогаш сите можности остануваат отворени“, рече Димовски.
Комисијата за избори и именувања, освен што на Собранието му го предлага новиот спикер, истото го прави и кога се во прашање претседатели, членови и нивни заменици на работните или постојните собраниски делегации. Барањето за продолжување на конститутивнатa седница новото парламентарно мнозинство во Собранието го достави во петокот, а координацијата почна во вторникот.