Терористички напад во близина на британскиот парламент во Лондон

Повредени пешаци на мостот Вестминстер во Лондон

Човек влета со автомобил во пешаци, а потоа избоде полицаец кој го обезбедувал британскиот парламент во Лондон. Напаѓачот бил застрелан.

Најмалку четворица луѓе, меѓу кои и напаѓачот, загинале, а најмалку 20 се ранети во денешниот терористички напад во близина на британскиот парламент во Лондон.

Еден напаѓач со автомобил удрил во група пешаци во близина на Парламентотот во Лондон, потоа влегол во кругот на објектот и со нож пробол полицаец, по што бил застрелан од полицаец во цивилна облека. Избодениот полицаец починал.

Најмалку двајца загинале кога автомобилот удрил во пешаците на мостот Вестминстер во близина на Парламентот и на кулата Биг Бен. Откако удрил во пешаците, автомобилот завршил во оградата на мостот. Извештаите велат дека крупен човек облечен во црно излегол од автомобилот и мафтал со некаков предмет, по што се стрчал во кругот на Парламентот и се обидел да влезе во зградата преку влезот за возила. Тогаш напаѓачот со нож пробол полицаец и продолжил да трча низ дворот. Во зградата се сместени Долниот дом и Домот на лордови.

Првиот човек на Долниот дом, Дејвид Лидингтон изјави дека напаѓачот бил застрелан од полицаец во цивилна облека. Медицински извори велат дека дел од нападнатите имаат „катастрофални повреди“. Според Би-Би-Си, меѓу повредените се група француски ученици, кои го преминувале мостот во тој момент.

Во меѓувреме беа објавени информации дека вториот човек што бил во возилото на напаѓачот бил уапсен во близина на Парламентот.

Портпаролот на премиерката Тереза Меј изјави дека таа е безбедна по инцидентот. Меј била во Долниот дом во моментот на нападот, но набрзо била пренесена во премиерскиот кабинет на Даунинг стрит 10.

По инцидентите, седницата на Долниот дом била прекината, а членовите на парламентот биле однесени во засолниште.

Нападот се случува на првата годишнина од трите координирани терористички самоубиствени бомбашки напади во Брисел во кои загинаа 35 луѓе, а повеќе од 300 беа повредени.